Skip to main content

Литература

Промовиранa книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски

Автори на ова капитално дело се двајцата охридски еминентни интелектуалци , Проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски. Традицијата на светите Климент и Наум Охридски е жива уште од нивното време па се до денес преку дела, статии, прилози кои го расветлуваат и објаснуваат животот на двајцата големи просветители.
 |  Валентина Неловска  | 

Промовирано делото „ Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“. Книгата е синтеза на науката и уметноста од дела посветени на сесловенските учители, а автори се Проф. д-р Димитар Пандев и поетот Славе Ѓорго Димоски. Во научниот дел од книгата се поместени делата за Климент и Наум Охридски низ целата Македонска историја од нивното време, од времето на седмочислениците преку времето на просветителите и преродбениците, македонската револуционерна борба па се до наше време, напоменува проф д-р Димитар Пандев. Даден е избор на најзначајните искажувања од Македонски и светски Слависти за Св Климент и Наум, појаснува Пандев.

„Традицијата на Климент и Наум е жива уште од нивното време. Особено од времето кога е напишано житието на Св.Наум од 916 год. преку сите текстови што доаѓале во Македонија во 19 век што пишувале од Македонија што оделе во светот и од светот што доаѓале во Македонија. Постои циркулација на книги на словото на Климент Охридски и Св.Наум Охридски кои што го обиколувале сиот словенски свет“, истакна проф д-р Димитар Пандев .

Славе Ѓорго Димоски работел на делото во областа на уметничката литература. Подвлекува дека 10 векови култот на Свети Климент и Свети Наум е актуелен, предизвикувачки и наишол на одраз во речиси сите генерации на Македонски современи писатели.

„Во народната литература се познати многу преданија и легенди за нив.Сите имаат анегдотски карактер кој ја претставува нивната духовна и натприродна моќ, со што успеале да го просветлат тогашното население првенствено од просветителски карактер“, изјави Славе Ѓорго Димоски.

Диме Ратајкоски, промоторот на „ Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ , напомена дека делото е значајно за историографијата и лингвистиката во период кога Македонистиката се соочува со тежок момент на признавање или негирање на Македонскиот јазик.

„Ова дело, зборник доаѓа во вистинско време и потребно е да се обновува. Внатре се собрани дела не само од истражувања на Македонската проучувана медијавистика туку и од оргинални историски автентични извори во превод на современ Македонски јазик кои ќе бидат доближани до македонската јавност , обичните читатели“, кажа Диме Ратајкоски, промотор на книгата.

Во „ Книга за Светите браќа Климент и Наум Охридски“ се поместени дела, статии, прилози кои го расветлуваат и објаснуваат животот на двајцата големи просветители не само во Македонија туку и во сесловенската историја.