Книгата „Стихописани слики“ од Митко Ц. Колјушевски беше промовирана во Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид. Авторот, како што посочи на промоцијата, рецезентот и промотор Мирко Томоски, во 45 творби соживувајќи со своето најсвето, остава трајни вредности за едно време, одамнешно, минато, или сепак денешно.
Овие 45 творби, преку мноштвото директни насочувања, создаваат поетско дело како суверен сведок за идентитетот, традицијата, културата и уметноста, сите собрани во љубовта и тоа не само во еден културен контекст како нашиот, туку и како светско колективно добро, при тоа овозможувајќи да се комуницира со едно уметничко видување како документ на реалноста, со цел да ги активира најпасивните механизми за восприемање на носталгичноста и љубовта – рече Томоски.
Создавајќи го делото, Колјушевски посочи дека зад себе оставил многу непроспани ноќи, многу запишани стихови и песни кои биле опеани од него и неговите фолк и староградски групи.
Се трудев тоа да се песни напишани во македонски дух, преполни со емоции и љубов. Се надевам успеав, сега стихозбирката е во рацете на публиката и таа ќе го даде судот – рече авторот на книгата.
Митко Ц. Колјушевски е роден 1949 година во Охрид. Автор е на песните „Стариот Фенер“, „Охридски стари трубадури“, „Месецот ти плете коприна“…, како и аранжер на повеќе македонски народни песни. Тој е еден од основоположниците и долгогодишен член на ансамблот за староградска музика „Самуил“ и групата „Цар Самуил“. Има издадено две збирки со текстови од македонски народни и обнародени, а „Стихописани слики“ му е прва самостојна збирка песни.