Skip to main content

Ден на македонските просветители

Промовирана книгата за светите браќа Кирил и Методиј

Промовирано изданието „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во рамки на свеченостите по повод Денот на сесловенските просветители. Пред нас имаме дело што уште еднаш ги потврдува и ги реактуелизира и по милениум, заложбите на Св. Кирил и Методиј да се зборува на сопствениот јазик, ќе каже промоторот на делото. Ова дело на Пандев и Ѓорѓо Димоски е 5-то по ред, од серијалот на книги на охридски и македонистички теми чиј издавач е Општина Охрид.
 |  инфодеск  | 
Книга просветители

Во пресрет на празникот на големите македонски и сесловенски просветители, денеска беше промовирана „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“, што ја приредија Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во книгата на околу 300 страници се поместени осврти, научни текстови, есеи, поетски творби и други објави, низ кои се претставуваат животот, делата и мисијата на светите браќа. Книгата е хармонична и компактна целина од најзначајните Кирилометодиевисти од Македонија, но и автори кои го расветлуваат животниот пат на светите браќа од историска перспектива со до инспирацијата која тие ја поттикнале кај создателите на уметничката литература, кажа промоторот на делото.

Пред нас имаме дело што уште еднаш ги потврдува сите определби што досега се кажани за овој простор, а тој простор во својата основа ги содржи напорите, ги реактуелизира, за жал и по милениум, заложбите на Св. Кирил и Методиј врамени во зборовите на апологијата на создателот на првата словенска азбука во која е нашето право да зборуваме на својот јазик, така да се молиме, да тагуваме или да се радуваме, ни ја дава или признава преку познатата метафора со сонцето : Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите, а сонцето не грее ли исто за сите, зарем не дишиме воздух сите подеднакво, па тогаш како не се срамите да признаете само три јазици, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви. За македонскиот јазик ова е сеуште актуелно. Да се зборува на македонски за некого е очигледно сеуште неприфатливо, а одбраната на тоа право се наоѓа меѓу кориците на книгата што ја промовираме – истакна промоторот Д-р Бобан Карапејовски.

Книга просветители

Во составувањето на оваа книга тргнавме од најсовремените лингвистички и поетички теории и од мислата на еден од најголемите лингвисти на 20-тиот век Роман Јакобсон, кој што бил во Охрид пред 60 години и којшто во Охрид сфатил дека Кирил Филозоф е поет пред се, а потоа се друго, потенцира во своето обраќање проф. д-р Димитар Пандев.

Токму таа мисла ние ја вложивме во оваа книга. Имено, дека делото на Кирил Филозоф е поетско и само поет можел да состави азбука. Никакви мисионери не можеле да создадат азбука. Нашата писменост е поетска и нашата писменост е света – истакна проф. Пандев.

Освртот на ликот и делото на Кирил и Методиј претставени во уметничката литература го приреди професор Славе Ѓорѓо Димоски. Култот кон браќата Кирил и Методиј започнат во старословенскиот период трае до денес, од Св. Климентовата „Похвала за Св. Кирил“ преку црковно – словенскиот период тој култ се возвеличи во времето на македонската преродба како силен отпор на цариградската патријаршија, кажа Ѓорѓо Димоски.

Речиси сите преродбеници на некој начин се зафаќаат со нив и го слават нивното дело, а кај некои преминува во инспиративен поетски изблик како кај Марко Цепенков, Жинзифов и Никола Киров Мајски. И современиот македонски поет почесто се навраќа на мотивот Кирил и Методиј во своето творештво. Застапените песни во книгава се со високи уметнички вредности, но сите поети имаат индивидуален уметнички пристап кон мотивот. Културниот код на Кирил и Методиј е произлезен од Македонија и длабоко е враснат во македонската културна традиција која трае над 10-тина векови – кажа Славе Ѓорѓо Димоски.

Книга просветители

Во име на издавачот, Општина Охрид пред присутните на промоцијата се обрати советникот Перчо Божиновски.

Дозволете ми, во мое лично име и во име на градоначалникот Кирил Пецаков, да ја изразам мојата голема благодараност на авторите за ова вонредно дело, да им упатам искрени честитки за нивниот вложен труд, да им посакам добро здравје и нови научни и литературни дела, а Општина Охрид секогаш има да биде подготвена да поддржи вакви дела – кажа Божиновски.

Книга просветители

Промоцијата на изданието „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ е во рамки на свеченостите по повод Денот на сесловенските просветители. Ова дело е 5-то по ред од серијалот на книги на  Пандев и ЃорЃо Димоски, на охридски, македонски и македонистички теми чиј издавач е Општина Охрид.