Skip to main content

Промовирана „Охридски преданија од иднината“ од проф. д-р Анис Сефиданис

Станува збор за македонско-англиско печатено издание кое преку научно-фантастични раскази инспирирани од охридските преданија, културното наследство и современите технологии го замислува Охрид во далечна иднина.
 |  Маја Савиќ  | 

Охрид каков што никогаш досега не сме го виделе, град во кој вештачката интелигенција, роботите и холограмите живеат рамо до рамо со луѓето, а древните преданија добиваат нов живот низ призмата на иднината. Токму ваква визија нуди книгата „Охридски преданија од иднината“ од проф. д-р Анис Сефиданис, која денеска беше промовирана во Прличевата одаја на Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.

Станува збор за македонско-англиско печатено издание кое преку научно-фантастични раскази инспирирани од охридските преданија, културното наследство и современите технологии го замислува Охрид во далечна иднина.

„Ова е продолжение на проектот кој го нарековме „Охридски преданија од иднината“. Всушност, станува збор заа научен, научно-фантастичен роман инспириран од културата на градот Охрид, каде што се разработуваат секојдневни теми со кои се соочуваат граѓаните од екологија, здравство, образование, во призма на визии за иднината кои се потпомогнати од современите технологии. Таму вештачката интелигенција, роботиката, холограмите живеат заедно со охриѓани и наоѓаат креативни решенија за предизвиците кои ги носи времето.“ – изјави проф. д-р Анис Сефиданис.

Покрај книжевна вредност, изданието е замислено и како културен сувенир и промотивен материјал што треба да го доближи Охрид до меѓународната публика. Книгата е објавена на македонски и англиски јазик, со што локалните приказни и визии за иднината стануваат достапни за читатели од различни делови на светот.

„Со тоа правиме и промоција на нашиот јазик, и воедно промоција на градот Охрид. Не само како една културна престолнина, каде што може да се понуди богата историја, но во исто време и да се понуди визија за иднината на човештвото, и да кажеме дека Охрид не само што памети, туку знае и да сонува.“– вели Проф. Сефиданис.

Книгата претставува резултат на соработка помеѓу тимот на Сефиданис, студентите од Универзитетот „Свети Апостол Павле“ и современите модели на вештачка интелигенција. Авторите велат дека проектот отвора нови можности за креативно создавање во кое човечката имагинација и технологијата се надополнуваат.

„Ова може да се нарече и една нова форма на авторство на 21-виот век, каде што луѓето и роботите заедно кокреираат. Концептот или идејата е човечки, но потоа графиките кои можат да се најдат во збирката раскази се создадени со помош на вештачка интелигенција, каде што внимававме стилот да биде репликабилен од човек.“– посочува професорот.

Уредник на книгата е Павел Тасков, дипломиран инженер по роботика, кој вели дека работата на ова издание била посебно искуство и можност да се согледаат потенцијалите на новите технологии во креативниот процес.

„Секогаш сум ја следел и вештачката интелигенција заедно со професорот и баш е добро да се види што што сè е возможно, во кои делови помага, а во кои делови сепак не може нашиот вкус да го замени. Сепак во тоа многу го ценам и професорот и во неговите избори и во целата визија што ја има за Охрид во иднината.Мислам дека во денешницава ни фали таа позитивност, тие соништа за едно подобро утре, таа визија за подобар еден свет. А оваа е полна со такви приказни, со 15 приказни, со нашите најдобри места во градот и најдобрите наши страни за една култура.“ – вели Тасков.

„Охридски преданија од иднината“ веќе е достапна за читателите во градската библиотека, како и во книжарниците во Охрид и низ државата.