Skip to main content

Ohrid Water Festival 2023

Промовирана програмата за првиот Ohrid Water Festival

Од 19-ти до 27-ми август 2023 година во Охрид ќе се организира првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival. Денеска на прес-конференција беше промовирана официјалната програма на фестивалот која вклучува спортски настани и пропратни социјално-забавни содржини.
 |  Голабовски Крсте  | 
Охрид Фестивал на водени спортови

Дефинирани се сите детали и деновиве финишираат завршните подготовки околу организацијата на првото издание на големата промотивно-спортска манифестација Ohrid Water Festival. Оваа спортско-промотивна манифестација ќе се одржи во Охрид од 19-ти до 27-ми август. Ohrid Water Festival се организира со целосна поддршка на Локалната самоуправа и неговата основна цел е популаризација на водените спортови на Охридското Езеро и промоција на уникатните потенцијали со кои располага Охрид, како најголем туристички центар во Република Македонија. Концептот на фестивалот  е токму тоа што треба, Охрид како спортско-туристички град да го понуди на пошироката домашна и интернационална туристичко-спортска јавност. 

„За скоро година дена успеавме да извадиме на провршина производ во кој се опфатени буквално сите екипи кои имаат било каква врска со водата, односно со Охридското Езеро. Години наназад слушавме и дебатиравме за тоа како е потребна поголема промоција на Охридското Езеро и дека на Охрид му е потребна масовна манифестација која ќе придонесе за развој на градот како интересна дестинација за спортскиот туризам. Навистина сум среќен и горд што низ заедничка соработка успеавме од зборови да преминеме на дело, од идеа во реланост. Чест и задоволство ми е да ви го најавам првото издание на големата спортско-промотивна манифестација,  Ohrid Water Festival.“ – изјави градоначалникот Пецаков.

Визијата и мисијата на организаторите е јасна, обединување на сите охридски водени спортови и нивните активности, афирмација на нашето природно водно богатство – Охридското езеро и негова заштита и сето тоа во рамки на еден спортско – туристички бренд со име Ohrid Water Festival, вели Јоне Станкоски, од организацијата. Првото издание на фестивалот е поддржано и од научната институција Хидробиолошки институт од Охрид, а и самото лого на фестивалот е еден ендемски вид на алга која живее во езерото. 

„Ohrid Water Festival, како спортско туристички производ, е поделен во два дела. Спортски дел, кој ќе се случува од 19-27 август и социјално едукативен дел којшто е посветен на настани кои ќе се случуваат во вечерните часови. Таа спортска туристичка понуда ја збогатуваме со различни содржини како концерти, забави со ди-џеи, панел дискусии, дегустација на автентична храна и пијалоци за регионов, разни изложби кои се дел од фестивалот, а ги организираат спортските клубови.“- изјави Станкоски.

За голем дел од спортските настани веќе се пријавени бројни екипи и натпреварувачи од неколку странски држави и се обезбедени сите логистички мерки за пријатен престој и безбедност на учесниците. 

„За крај ќе ги поканам сите граѓани да бидат дел од овие настани. Со вашето присуство ќе даватае поддршка на фестивалот како и на сите водени спортови.“ – изјави Никола Вретоски – Претседател Ohrid Water festival.

Ohrid Water Festival или Фестивал на водените спортови – Охрид има за цел проект кој е симбиоза на водените спортови, охридското природно богатство и развојот на охридската заедница. Главен спортски настан е традиционалниот пливачки маратон од Св. Наум до Охрид кој е закажан за 26-ти август