Промовирана „Соѕвездие во мислите на Марија“, прва стихозбирка на младата Марија Тодороска
„Соѕвездие во мислите на Марија“ e насловена првата стихозбирка од младата охриѓанка Марија Тодороска. Нејзината збирка стихови беше промовирана пред љубители на поезијата и творештвото на младите во Прличевата одаја на градската библиотека. Марија, која е ученичка во деветто одделение во ООУ „Христо Узунов“ вели дека пишувањето ја прави среќна и ја исполнува, Македонски јазик и е омилен предмет, а ѕвездите се нејзин заштитен знак за добрина, сила и храброст.

„Ова е мојата прва стихозбирка, се состои од 18 песни и секоја песна си има своја тематика, богата е со стилски фигури и најмногу е застапена римата. Мотивот за да ја напишам оваа стихозбирка ми беа ѕвездите но инспирацијата ја наоѓам од луѓето со кои сум опкружена, природата и се друго. Ме мотивира пред се наставничката по Македонски јазик, таа ми беше мотив, но пишувам веќе од шесто одделение, но веќе сега тоа што го имав во мене го искажав и можам пред повеќе луѓе веќе да го претставам .“ – изјави Марија за ТВМ.

Кога детето добива простор и поддршка да ги преточи своите чувства во зборови, тоа не само што се развива креативно туку и емотивно и интелектуално. НУ Библиотека Григор Прличев отсекогаш ги поддржувала младите и талентирани автори од Охрид кои подоцна со своите книги станале дел од од роднокрајното одделениe, истакна на промоцијата в.д директорката на библиотеката Христина Трпеска.

„Поддршката на млади поети не е само ивестиција во културата туку и во иднината на едно општество кое ги цени зборовите, чувствата и човековото искуство. Токму за такво препознавање се работи во случајот со младата Марија Тодороска. Таа и нејзиниот талент уште во рана училишна возраст се препознаени од одделенската наставничка Катерина Златева, а тој континуитет на влевање самодоверба го продолжува и наставничката по Македонски јазик Христина Стојаноска. Тие заедно со семејството и беа ветер во грб на Марија во создавањето на оваа стихозбирка.“ – кажа Христина Трпеска – в.д директорката на НУ Библиотека Григор Прличев.

Свое обраќање на промоцијата имаше и директорката на училиштето „Христо Узунов“, Марина Ѓоргоска.
„Сакам да и се заблагодарам на Марија, нашата деветоодделенка на која ова и е прва стихозбирка, но за нас како училиште многу значајна. Марија ни покажа зошто постоиме и зошто треба да продолжиме да работиме. Јас како директор сум горда на Марија и и посакувам уште безброј творби кои ќе стојат како споменик за неа како личност но и значајни столбови на македонскиот јазик.“ – кажа во обраќањето директорката Ѓоргоска.

Соученици на Марија читаа песни од стихозбирката, а учениците Драгана Блажеска на гитара и Димитри Алоски на кларинет изведоа композиции со кои ја збогатија промоцијата. Првата стихозбирка на Марија Тодороска „Соѕвездие во мислите на Марија“ од денеска се наоѓа на полиците од роднокрајното одделение во градската библиотека и училишната библиотека во ОУ „Христо Узунов“.

