Промовирано делото „Трансфузиона хематологија и интерна медицина“
„Трансфузиона хематологија и интерна медицина“ е дело кое претставува врв на кариерата на д-р Трајан Стрезоски, истакна д-р Александар Стојановиќ, на денешната свечена промоција на оваа научна студија. Авторот пак д-р Стрезоски, вели дека сакал да создаде дело кое ќе претставува прирачник на докторите во секојдневната работа за брз и адекватен третман на пациентите, во што е убеден дека успеал.
Промовирано делото „Трансфузиона хематологија и интерна медицина“ на д-р Трајан Стрезоски. Станува збор за селекција на дела кои авторот ги пренесол на хартија, инспириран од неговото долгогодишно работење како доктор по оваа проблематика, истакна еден од промоторите на оваа научна студија, д-р Верољуб Василевски.
„Денеска имаме шанса да видиме едно дело на еден наш колега кој што целиот свој живот го посветил на прибирање на ситуации од одделенијата за да може да состави едно вакво дело“.
Д-р Александар Стојановиќ е еден од рецезентите на книгата „Трансфузиона хематологија и интерна медицина“. Тој вели дека чест и задоволство е што денес е тука на оваа свечена промоција на книгата, на која и претстои светла иднина, која воедно ќе им биде од голема корист на нивните колеги.
„Денеска стварно имаме задоволство да промовираме еден многу квалитетен учебник, наменет за млади колеги но пред се за специјалисти од широки области пред се од интерна, ургентна медицина, анестезиологија а посебно за специјалисти за семејна и општа медицина“.
После повеќе од три години подготовка, успеав на некаде околу триста страници да ги пренесам моите секојдневни случувања од мојот работен век, во делот на состојбите на пациентите кои бараа брз, адекватен и соодветен третман, вели авторот д-р Трајан Стрезоски.
„Целта ми беше на едно место да ги сублимирам работите со кој што колегите кога ќе се најдат во ситуација ургентно да делуваат да им служи во тој момент како потсетник за брзо и адекватно да реагираат. Тука бидејќи животот ме тераше да бидам доктор со две специјалности ги опфатив клиничкиот дел од хематологијата и ургентниот дел и од интерната медицина бидејќи еден дел без друг не можат“
Д-р Стерезоски е убеден дека ова негово дело ќе најде своја примена во сечиј докторски кабинет и во многу ќе им ја олесни одлуката на докторите при делување кога се соочуваат со специфични ситуации од областа на трансфузионата хематологија и интерната медицина. На промоцијата присуствуваа еминентни личности од нашиот град, од докторската фела, како и истакнати професори.