Вечерва во Охрид централна прослава по повод Меѓународниот ден на младите

Денеска во Охрид се одбележува Меѓународниот ден на младите, во рамки на „Недела на млади 2026″, која од 10 до 14 август ја организира Младински Центар Охрид.
Централната прослава ќе се одржи вечерва, 12 август, на Paulaner – пред хотел „Палас”, со почеток во 20:00 часот, а официјалниот дел започнува во 20:30 часот.
Во рамки на официјалната програма ќе се одржат обраќања по повод Меѓународниот ден на младите, по што ќе следува свечено доделување на наградите за најдобрите идејни архитектонски решенија за Младински Културен Центар Охрид.
Ќе биде претставен и самиот конкурс и наградените трудови, а присутните автори ќе имаат можност накратко да ги претстават своите идеи и визии за идниот Младински Културен Центар. Идејните решенија ќе бидат изложени на самиот простор, каде посетителите ќе можат да ги разгледаат.
По официјалниот дел, од 21:00 часот започнува музичката програма со настапи на млади локални изведувачи:
- 21:00 – МЦО Бенд
- 21:30 – Броз Бенд
- 22:30 – Урбан Планет
- 23:30–00:30 – DJ Leo
Во текот на целата вечер ќе биде поставен и Youth Info Corner, каде младите ќе можат да се информираат за активностите на Младински Центар Охрид, можностите за волонтирање, младинските програми и начините за активно вклучување во работата на Центарот и заедницата.
Овогодинешното одбележување на Меѓународниот ден на младите се реализира под мотото „Different Contexts, Common Aspirations”, кое ја нагласува различноста на младите и нивните заеднички стремежи и аспирации.
Централната прослава е бесплатна и отворена за сите.
Младински Центар Охрид ги повикува младите, граѓаните, младинските организации, партнерите и сите заинтересирани да се придружат вечерва и заедно да го одбележат Денот на младите со идеи, музика, креативност и дружење.







