Skip to main content

Отворена изложбата „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“

Прстенот, мистичниот круг на кој му се припишува магиска моќ со сите свои симболики, функции и раскош е претставен на изложба која денеска беше отворена во Куќата на Робевци. НУ Завод и Музеј Охрид ја отвора својата богата етнолошка збирка и пред јавноста презентира врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар. Автор на концепција на изложбата и на каталогот е Оливера Мишева, виш кустос етнолог во Завод и Музеј – Охрид. Изложбата насловена „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“ е по повод Свети Климент Охридски, патронот на градот.
 |  Маја Савиќ  | 

80 експонати, машки и женски прстени кои се дел од богатата етнолошка збирка при НУ Завод и Музеј – Охрид од денеска се изложени во Куќата на Робевци. Изложбената поставка насловена „Прстенот – симбол на завет, статус, моќ – од етнолошката ризница на охридскиот музеј“ презентира врвни изработки на мајсторите кујунџии од Охрид, Струга и Дебар кои датираат од крајот на XVII до средината на XX век.

„ Набавени се во првата деценија од формирањето на охридскиот музеј од Охрид, охридските села и Дебар. Главно се изработениод сребро во техника на лиење со прекрасна филигранска изработка и гранулација, украсени со полускапоцени камења, украсни стакленца, мониста и висулци – трепетушки. По формата се застапени разни видови, прстени со печат или монограмни прстени со иницијали, масивни столовати прстени, бурми, прстени со кубести глави. “ – вели Оливера Мишева, виш кустос етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид, која е автор на каталогот и концепцијата на изложбата.

Покрај брачната фунција на прстенот како симболо на завет, овој украс на раката има и низа други функции како на пример прстенот печатник кој е обележје на статус, моќ, авторитет во рамки на државата, црквата, професијата и семејството, објаснува Оливера Мишева, виш кустос етнолог која ги конципира изложбата и каталогот.

„ Најмногу се поврзани со обредите за свадба, за свршувачка но има и експонати како што се печатните прстени кои симболизираат некаков статус семеен или во општеството или имаме прстени кои што се со арапско писмо кои освен што се печатници на писмото е испишана молитва да му тргнат на добро работите или да му се исполнат желбите на сопственикот. – вели Мишева.

Прстенот е задолжителен накит за рацете без разлика на родовата, етничката или класната припадност уште од времињата на најстарите култури и цивилизации кој останал како најзастапен накит да се употребува до ден денес.

„Прстенот е накит што за среќа, за разлика од некои други видови накит се ипотребува до ден денес. Главно неговата функција е за обележување на брачниот статус но прстенот е и симбол на моден тренд, на припадност на некоја заедница, може да се додели и како награда, но во секој случај тој си ја носи својата симболика на вечност , на достоинство, на завет, на припадност и секако покрај овие функции, има симболичка функција на заштита на тој што го носи за прочистување, за лек. “ – посочи Мишева.

Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата. Со овој настан НУ Завод и Музеј – Охрид се приклучува кон чествувањата за патрониот празник на градот, Свети Климент Охридски. Изложбата ќе биде поставена до крајот на јануари, секој работен ден од 09 до 15 часот, освен во понеделник.