Прв студентски филмски фестивал на Филмската академија од Охрид
Фестивалот FEELMOTION на охриѓани ќе им понуди триесетина студентски филмови, изложби, работилници и концерти.
30 кратки студентски филмови, изложби, работилници и концерти на првиот филмски фестивал „FEELMOTION“ на Филмската академија од Охрид. Фестивалот синоќа беше отворен со проекција на филмот „Само за губитници“ на режисерот Иво Трајков кој воедно е дел и од Институтот за филм-Филмска академија-Охрид. Организаторите, кои се седумте студенти магистри на академијата велат дека фестивалот изобилува со богата програма и филмови.
„Тоа се студентски филмови, кратки студентски филмови организирани од студенти кои исто така учествуваат на овој фестивал и со нивните филмови и со нивното присуство. Ние почнуваме да правиме и реализираме многу интересни идеи, овој фестивал всушност ќе докаже дека ние имаме што да понудиме, и сега, а и во иднина на овој град, како и на филмскиот свет и сите љубители на филмот.“-вели организаторот на фестивалот „FEELMOTION“, Димитар Димоски.
Сценаристката и драмски писател Благица Секулоска вели дека тие имаат големи очекувања во иднина од овој фестивал иако станува збор за негово прво издание.
„Она што за прв пат го правиме е тоа што ги обединуваме сите академии филмски во овој регион, па и пошироко, секако дека оваа година доаѓаат и ЕСРА и ФДУ, академијата од Штип, од Тетово, и од Косово исто така успеваме да ги организираме, следната година се надеваме дека интернационалната посетеност ќе биде уште поголема, така што ова е првиот бебешки чекор што го правиме, и секако се надеваме дека ќе успееме да го донесеме на ниво на традиција и препознатливост и на самиот Охрид и на самата филмска школа”.-рече Секулоска.
Инаку филмскиот фестивал „FEELMOTION“ започна синоќа, а ќе трае до утре, 10ти април. Филмовите кои на него ќе бидат прикажани се изработени од студенти кои доаѓаат од филмските академии од регионот. Работилниците кои ќе се одржат во негови рамки ќе бидат водени од продуцентите: Атанас Георгиев, Огнен Антов, Жарко Иванов и Борис Дамовски.