Прва пречистителна станица на Галичица
Објект на планината Галичица ќе добие пречистителна станица. Спасителниот дом Спиридон, кој e сместен во Националниот парк Галичица, ќе биде првиот објект во земјава кој ќе ги пречистува отпадните води на планина. За овој, многу важен еколошки аспект во заштитеното подрачје на паркот, се погрижија членовите од охридскиот алпинистички клубот Патагонија, кои ќе стопанисуваат со објектот, напоменува Антонио Додевски, претседател на клубот.
„Целта на изградбата на планинската куќа е да биде модел на самоодржлив објект кој целосно ќе се напојува со електрична енергија од соларни извори и ќе ги прочистува отпадните води. Планинската куќа на посетителите ќе им овозможи удобен престој, ќе биде самоодржлива и пример за одржливо искористување на природните ресурси особено во заштитеното подрачје како што е националниот парк“-вели Додевски.
Пречистителната станица е набавена со средства од проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ од ЕУ од ИПА програмата за прекугранична соработка. Во планинската куќа ќе може да престојуваат 20тина луѓе. Дополнителен простор ќе има и во спасителната станица во која ќе може да се сместат 8 мина спасители од планинската служба, информира Додевски.
„Овој објект планираме да го отвориме ова лето. Ќе го промовираме отворањето во јавноста. Освен пречистителната станица останати се да се завршат санитарните јазли и да се стави во функција пречистителната станица за да се отвори објектот. Се друго е завршено со дополнителна поддршка од Понд и Националниот парк со кои имаме плодна соработка, а ќе започнеме успешна приказна во нашиот град“ – кажува Додевски.
Членовите на планинската спасителна служба напоменуваат дека се принудени да бараат одржливи проекти кои ќе им овозможат опстанок за да бидат сервис на граѓаните. големиот број на акции со спасени животи на планина покажаа дека има голема потреба од дејствување на една ваква служба во регионот, но општините не покажаа интерес за поддршка. Иако, досега се потпишани неколку меморандуми за соработка со општините од регионов, досега нема конкретна финансиска поддршка за функционирање на службата.