Skip to main content

Првачињата од Братство Единство добија флуороцентни елечиња

Првачињата од Братство Единство  добија флуоросцентни елечиња.

 |  Валентина Неловска  | 

Првачињата  од ОУ „Братство Единство“, од населбата Лескајца,  добија  флуоросцентни елечиња за заштита во сообраќајот. Поделени се 135 елечиња на сите првачиња од македонските, албанските и турските наставни јазици. Реализацијата на овој проект, кој има за цел поголема безбедност на најмалите охриѓанчиња, е на иницијатива од  Лајонс клуб Лихнидос Охрид.  Посакуваме нашата земја да го следи примерот на развиените западно европски земји  кои го  применуваат овој вид на заштита, информира Горан Момироски од Лајонс клуб Лихнидос Охрид.

„Намерата ни еден ден да биде како и во останатите европски држави каде што е направено и преточено во Закон  за поголем безбедност на децата. Затоа што детскиот живот нема цена“, подвлекува Момироски.

Јованка Љаткоска, помошник директор во  ОУ Братство Единство, со задоволство ја прифаќа  оваа иницијатива која е во насока на поголема безбедност на учениците во сообраќајот. Наставнците ќе настојуваат  децата да создадат навика и да ги употребуваат елечињата кога  се надвор на сообраќајниците, напоменува Љаткоска.
 
„Елечињата да се носат постојано е договорено  со нивните учителки. Тие да станат дел од нивниот секојдневен прибор. Да ги носат на себе и облекуваат кога заминуваат од училиштето за да стигнат безбедно дома“, вели Љатксока.    

Службеник од полицијата на првачиња им ги објаснуваше  правилата во сообраќајот, а  им ја појасни потребата зошто треба елечињатат да ги носат кога ќе се најдат на улица како учесници во сообраќајот. Работиме заедно со сите владини и невладини организации за подигање на степенот на безбедносната култура кај учеснците во сообраќајот, вели Стефан Димоски  претседателот на општинскиот совет за безбедност.  

„Ние за среќа не сме констатирале сообраќајни  несреќи со повреди од оваа категорија. Но, тоа не значи дека сме задоволни и спокојни. Целта  на овие активности е запознавање на учениците и подигање на степенот на сообраќајната култура“, напоменува Димоски.  

Заштитни флуоросцентни елечиња  за заштита во сообраќајот се обезбедени и за 550 првачиња од сите охридски  основни училишта. Намерата е  во иднина да се обезбедат вакви заштитни елечиња и за основците од 1 до 5 одделение. Ова е прв проект од ваков вид во Македонија, а охридскиот пример  на Лајонс клуб Лихнидос можеби ќе го следат и останатите општини во земјава.