Skip to main content

Нова генерација првачиња тргна по патот на знаењето

„Нема подобра инвестиција од онаа во знаењето. Затоа инвестирајте во себе. Учете!” – порача претседателката Гордана Силјановска-Давкова на свечениот пречек во најстарото училиште во Охрид – ОУ „Св. Климент Охридски”
 |  инфодеск  | 

Најстарото охридско училиште денеска ги отвори вратите за нова  генерација ученици, а меѓу нив и за првачињата  кои  зачекорија во светот на знаењето.

Претседателката Сиљановска-Давкова и градоначалникот Кирил Пецаков им посакаа добредојде на првачињата во ООУ „Св. Климент Охридски“

На свечениот пречек, претседателката порача дека  највредната инвестиција е онаа во знаењето.

Не заборавајте дека ако учите, сигурноста ќе ја имате во себе и затоа ви посакувам да се натпреварувате, ама не за оценки, туку за знаење и за успех, рече Давкова.

„Нема подобра инвестиција, запомнете, од онаа во знаењето. Колку повеќе ќе знаете, толку повеќе ќе разбирате, толку потолерантни ќе бидете. Толку ќе бидете посамостојни. И затоа инвестирајте во себе. Учете! Нема подобар пријател од книгата. И кога сте сами и кога не сте, имате безрезервен пријател, а тоа се книгите.”, истакна Давкова.

Градоначалникот Кирил Пецаков рече локалната  останува  силно посветена   да вложува во подобрување на условите во сите училишта.  

„Драги првачиња, од денес ве очекуваат многу нови нешта. Тука ќе научите да читате и да пишувате, но ќе научите и колку е важно да бидете добри другари, да се почитувате, да си помагате и да верувате во себе, со помош на вашите учителки, со поддршка на вашите родители и со многу труд. Верувам дека брзо ќе се навикнете на училишниот живот и со радост ќе доаѓате на училиште.”, истакна градоначалникот Пецаков.

Со почетокот на новата учебна година, во охридските училишта седнаа околу 500 првачиња.

Новинар Соња Рилковска