Првите патници од Базел слетаа на Охридскиот аеродром
Според градоначалникот Никола Бакрачески воведувањето на оваа втора авиолинија ќе претставува силен импулс за унапредување на туристичката понуда на Охрид, но и за можноста голем број од нашите граѓани кои живеат и работат во Швајцарија почесто да ја посетат Македонија.
Слетаа првите патници од нововоспоставената авиолинија Базел-Охрид-Базел на охридскиот аеродром „Св.Апостол Павле“. Оваа директна линија е втора што во период од две недели се отвора летово од нашиот аеродром, после онаа до Лондон односно Лутон. Дел од 179те патници кои допатуваа од Базел се наши гастербајтери кои после повеќе децении за прв пат доаѓаат во родниот крај. Еве што значи воведувањето на оваа директна авиолинија за нив.
„Многу, инаку тешко, Скопје се малтретиравме. Добро е, задоволни сме, прифатлива е цената, многу сме задоволни.“
„Еднаш на два три години, а сега ќе идеме секоја година. Затоа што можеме директно да летаме до Охрид, тоа е супер и се надеваме дека ќе можеме почесто да идеме.“
„Прв пат после 50 години како што сум во Швајцарија, до Охрид од Базел летам.“-рекоа дел од нив.
Глетката кога два авиони едноподруго слетуваат и полетуваат од охридскиот аеродром е глетка која долго време ја очекуваа граѓаните на Охрид-рече градоначалникот Никола Бакрачески. Тој порача дека е убеден дека со воспоставувањто на овие две авио линии кон и од охридскиот аеродром ќе значат ново поглавје за развој на целиот регион.
„Секако тоа ќе значи зголемување на размената на луѓе и стоки према Македонија и према државите каде се воспоставуваат овие линии, а ќе се овозможи на нашите граѓани каде што живеат привремено и работат во државите каде се воспоставени овие линии, првенствено Швајцарија, Германија и Англија каде што гравитираат овие два аеродроми, да полесно и многу почесто го посетуваат својот роден крај и обратно, нивните семејства да многу почесто имаат поедноставен начин директно од Охрид односно од овој аеродром да ги посетуваат своите кои се на привремена работа во странство.“-вели градоначалникот Бакрачески.
Евтините авилетови со нискобуџетната компанија Визер, според генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски ќе овозможат подолгорочен прием на патници од Македонија но и од соседните земји, а воедно значат и пораст на авиосообраќајот на аеродромите на ТАВ.
„Оваа сезона е успешна за нас во Тав Македонија, бидејќи во првите пет месеци бележиме пораст на сообраќајот од 17,2 проценти во однос на минатата година. Тав македонија ќе продолжи со афирмација на Охридскиот аеродром и дестинацијата Охрид-Струга со цел и други авиокомпании да бидат присутни на нашиот аеродром.“-рече Крстевски.
Инаку линијата од Базел ќе биде активна во текот на целата година и тоа два пати неделно, во среда и недела. Според градоначалникот Бакрачески, тие нема да застанат тука, туку веќе работат на воведување на барем уште една директна авиолинија кон и од охридскиот аеродром веќе наредната година.