Skip to main content

Прво се гради, после се мисли за пристапен пат, експропријациите голем проблем за Општина Охрид

Во Охрид никнуваат станбени згради на секој чекор. Со засилената градежна експанзија за општината се попроблематично е обезбедување на пристапни патишта до објектите. Стотици случаи за експропријација на градежно земјиште чекаат на ред, а во меѓувреме се носат нови детални урбанистички планови во кои се уцртани патишта за пристап кои допрва ќе треба да се уредат на терен. Општината во иднина ќе бара начин за зголемување на комуналиите за уредување на градежно земјиште или неиздавање на градежни одобренија онаму каде нема економска исплатливост. Според градски советници од опозицијата проблемот треба да се решава кога се изработуваат и носат урбанистичките планови, а не отпосле.
 |  Маја Савиќ  | 

На територија на Општина Охрид има стотици случаи каде локалната треба да изврши екпропријација на градежно земјиште за да се обезбеди пристап на граѓаните до нивните домови. Ова е сериозен проблем посебно во услови на засилена урбанизација со изградба на станбени згради. На последната седница на совет советникот од ВМРО НП, Ванчо Костоски потсети дека беше побарано од локалната власт да изготви Програма за приоритет за експропријација на градежно земјиште.

Јас таков програм немам видено. Добро е, сега е веќе крај на мандат, но никогаш не е касно да се направи еден список кој е приоритет за екпропријација да знаеме ние однапред. А сега се решава со ургирање , со врски да се експроприра некое сокаче , а на исти таков случај до него не се врши експропријација, рече Ванчо Костоски – советник ВМРО НП.

Општинските служби се при крај со изработката на програмата за приоритет при експропријациите и на следната седница истата ќе биде доставена до советниците, кажа Секретарот на општината, Александар Китески. Но тој посочи дека најголем проблем за општината се оние случаи каде требало да се води сметка за пристапни патишта и економската исплатливост пред да се издаде одобрението за градба.

Секретарот наведе пример каде е издадено одбрение за изградба на станбена зграда без обезбеден пристапен пат за станарите. Трошоците за екпропријација од 150 000 евра ги надминуваат наплатените комуналии во износ од 85 000 евра.

Доколку средствата што се предвидени за уредување на градежното земјиште се повисоки од комуналиите кои се наплаќаат од инвеститорите , општината ќе бара начин пред да се издаде одобрение за градба да се зголеми цената на комуналиите за да има финансиска исплатливост. Треба кога се дава одобрение да се процени состојбата и да не се дозволува да се гради онаму каде не е решен пристапот и каде проблемите доаѓаат отпосле, рече Александар Китески – Секретар Општина Охрид.

Според советникот Костовски проблемот не е во издавањето на одобрението за градба, туку затоа што треба да се води сметка за планирање на просторот и пристапните патишта кога се изработуваат и носат урбанистичките планови, од страна на секторот за урбанизам , планерите па и градските советници.

Не може градоначалник ако има донесен ДУП да не издаде дозвола за градење. Може ако сака, но правно не може. Инаку може некому цел живот да не му даваш дозвола за градба и да се жали. Грешката е кога ќе се носат урбанистичките планови , кога се планира, тогаш се гледа колкава зграде, колкав е очекуваниот ефект од комуналиите и пристапните патишта. ….Но секогаш не може да се гледа исплатливоста бидејќи мора да се урбанизираат населби, но не по секоја цена и не со згради. – кажа Костоски.

Советникот Костоски своите тврдења во дискусијата со секретарот Китески ги поткрепи и илустрира со носењето на урбанистички план за УЗ 6 кој беше на дневен ред на седницата. Опфатот на планот е од десната страна на ул 7-ми Ноември, од ОУ Братство Единство до Отекс, со улиците Богомилска и Марко Нестороски. Тоа е план кој предвидува изградба на доста станбени згради со катност П+4 во простор со збиени куќи и тесни улички. Во планот за пристап до тие згради предвидени се улици кои не постојат, потенцира Костоски.

Во следните пет години ниедна од тие посериозни улици кои ги поврзауваат не може да се реализираат, бидејќи треба да се рушат преку 20-тина објеки, куќи или помошни објекти плус експропријација на земјиштето. Кога општинава ќе најде пари да ги руши овие објекти, да им плати на луѓето за да може да се отвори улицата за да има пристап до зградите?. Никогаш ова нема да е исплатливо. A јас ви гарантирам дека општината пак ќе издава одобренија за градби, потенцира Костоски.

За секретарот, тоа што се носат Детални урбанистички планови после подолго време е добро, но повтори дека не треба да се издаваат одобренија за градење без економска исплатливост за општината , па во таа насока додаде дека можеби треба да се размислува за измени на одлуката за комуналии за уредување градежно земјиште која датира од 1996 година.

Мора да гледаме одобренијата кои ги издаваме да се имотно-правно решени. И кај болниците има згради каде нема пристап. Треба да се носат издражни одобренија за градби. Ако даваме одобренија и земаме пари треба да обезбедиме пристап. Ако веќе обезбедуваме пристап треба да ни е финансиски исплатливо она што го примаме како комуналии со она што го обезбедуваме на терен. Ова е проблем кој треба да го решиме во иднина, уште еднаш повтори Кистески.

Советничката група на СДСМ и Коалицијата, не ги поддржа деталните урбанистички планови за УЗ 6 и УЗ 12 кои беа на дневен ред , поради, како што рече координаторката Живка Ангелоска, наездната на градежна агресија со изградба на згради.

Точно е дека треба да се урбанизира, но тоа што во последно време се случува во градот најмалку е на ниво на Охрид, имајќи предвид дека имаме уништени, непроодни тротоари, сообраќајници на кои наместо лесни возила имаме багери и друга механизации, зибегнуваме одредени улици…, а има во некои места каде во прашање се доведува и безбедноста на учесниците во сообраќајот каде се изведуваат градежните работи. Поради ова нема да ги поддржиме овие ДУП-ови, рече Ангелоска.

ДУП за Уз 6 и Уз 12 беа изгласани од страна на мнозинството во советот.