Skip to main content

Планинската спасителна служба од Охрид подготвенa за претстојната зимска сезона

Тимовите за спасување се добро опремени и подготвени за интервенции во било кој период од денот или ноќта. 90 % од интервенциите на спасителите во зима се на извлекување заглавени возила во снег на патниот правец Охрид-Ресен преку Галичица кој е затворен за сообраќај и не се одржува во зимски услови. Од ПСС очекуваат дека оваа зима граѓаните ќе извлечат поуки од претходно и ќе се воздржат од користење на овој патен правец.
 |  Маја Савиќ  | 

Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен Крст Охрид е подготвена да ја пречека зимската сезона. Службата е комплетно оперативна со сите потребни ресурси да делува 24/7 на повик за помош. Летната сезона спасителите имаа 27 интервенции што е сериозна бројка за регионот.

– Благодарение на поддршката од локалната самоуправа која ја имаме во последните три години, комплетната оперативност е овозможена и сите ресурси ни се исправни и во функција постојано да можеме да делуваме . Ние сме единствената 24 часовна служба која делува 24/7 во регионот, вели Антонио Додевски – раководител на ПСС и претседател на Национален сојуз за планинско спасување.

Од ПСС очекуваат дека оваа зима граѓаните ќе извлечат поуки од претходно и ќе се воздржат од користење на патниот правец Охрид-Ресен преку Галичица кој е затворен за сообраќај од ноември до 31 март за сите возила без исклучок. Поради несовесни возачи просечно годишно спасителната служба има околу 25 до 30 интервенции на заглавени возила на овој потег кој не се одржува во зимски услови.

-Иако секако стоиме на располагање , но мора да апелираме дека нашите интервенции ќе бидат насочени исклучиво на извлекување луѓе коишто би можеле да бидат загрозени нивните животи. Нивните возила и материјален имот нема да бидат предмет бидејќи ние сме служба за спасување на човечки животи , а не за извлекување и транспорт на возила. Тоа е со висок степен на ризик по однос на нашата опрема, на нашите возила и од тие причини постојано апелираме да не одат, патниот правец е официјално затворен со времен режим на сообраќај од месноста Корита нагоре е забранет сообраќајот, вели Додевски.

Во делот од крстосницата на патниот правец Охрид – Св. Наум до излетничкото место Корита, каде единствено е дозволен сообраќајот, граѓаните да се прилагодат на условите на патот и доколку не поседуваат соодветна опрема за управување со возилата во услови на снег и мраз, воопшто да не го користат истиот, бидејќи најчесто не е безбеден за сообраќај. Од ПСС воедно апелираат и до надлежните институции да се воспостави редовно одржување на овај патен правец бидејќи очигледно граѓаните имаат потреба од него.