Skip to main content

Пуштена во употреба улицата „Сирма Војвода“

Со сечење на црвена лента, денес, свечено беше пуштена во употреба новоизградената улица „Сирма Војвода“. Граѓаните од овој потег јавно изразија благодарност до градоначалникот Никола Бакрачески што си го одржал ветениот збор и очекуваат и понатаму добра соработка со Локалната Самоуправа.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески, денес свечено ја пушти во употреба новата улица „Сирма Војвода“. Со тоа е решен еден долгогодишен горлив проблем на жителите на овој потег кој во зима газеа во кал до колена а на лето се давеа од прашина. Асфалтирана е површина од 1500 метри квадратни со квалитетен асфалт, со дебелина од 7 см  во должина од 250 метри и 6 метри ширина информираше првиот човек на градот Никола Бакрачески.

„Остана да во наредниот период за не повеќе од еден до два месеци ќе биде поставено комплетно ново осветлување на оваа улица, она што досега воопшто не постоеше. Во наредниот период зависно од финансиските можности на општината ќе бараме можности да изнајдеме финансиски средства да ги асфалтираме и споредните сокачиња и со тоа комплетно да ги задоволиме барањата на на жителите од овој дел на градот“ – изјави Бакрачески.

Во име на мештаните од оваа Урбана Заедница благодарност до Локалната самоуправа и до градоначалникот Бакрачески, изрази претседателот Славчо Донески.

„Сакаме да се заблагодариме на градоначалникот Бакрачески и на Локалната самоуправа што создадоа услови да се изгради оваа улица. Сакам едно да потенцирам дека во минатото ние имавме многу барања и ветувања и за избори дека ќе се нарави улицата но никој не ја направи. Уште еднаш се заблагодаруваме и очекувами и во иднина добра соработка“

И жителите не го криеја задоволството, што конечно на нивната улица после 3 децении легна асфалт, така што и тие пред камерите изнесоа пофални зборови за ангажманот на Бакрачески и Локалната самоуправа.

„Сакам да му се заблагодарам на градоначалникот од името на сите жители, бидејќи ние газевме во кал со најлони децата ги пуштавме на школа кога отидовме кај градоначалникот рече дека не е во програмата но ќе го направи патот. Тој најде сили и направи и затоа му благодариме и се надеваме дека ќе направи и игралиште за дечињата“

Инаку за реализација на овој проект минатата година ЈП „ПРОАКВА“, изведе нова водоводна линија на овој потег, додека пак ЈП „Градски Гробишта“ се погрижи за изградба на тротоари во должина од 250 метри.