Skip to main content

Пуштен во употреба отворениот базен

Пливањето во Охрид мора да ја продолжи традицијата, нови славни охридски имиња да се запишат во македонската спортска историја, рече директорот на ЈП „Билјанини Извори“, на денешното официјално пуштање на базенот во употреба. Но без изградба на долго очекуваниот затворен пливачки базен тоа е само пуста желба и неостварен сон на надлежните власти од Охрид, градот кој претставува лулка на пливањето.

 |  Николоска Биљана  | 
bazen
базен

Пливачите на ПК Делфина го сефтосаа големиот пливачки базен кој работи во рамките на ЈП „Билјанини извори“. Од денес и официјално започна со работа отворениот базен за рекреативна и професионална употреба. Првиот човек на Билјанини Извори Ристе Мише, рече дека после месец дена континуирана подготовка за пуштање во употреба на малиот и големиот пливачки базен успеале да ги обезбедат најбитните услови.

bazen„Во изминатиот периот ги направивме сите потребни санации припреми и проверки и системот за третирање на водата што за мене е најбитниот дел од припремите за пуштање во функција на отворениот пливачки базен во употреба. Така што од денес ние сме спремни да сите заинтересирани корисници ги користат услугите на отворениот базен. Значи Билјанини Извори направи напори, целта е една, заедно со Пливачките школи Делфина и Охридски Бранови се создадат нови гернерации на пливачи кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славните охридски имиња и од овој спорт да се запишат во македонската спортска историја“– вели Мише.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, рече дека од година во година градските власти на Охрид прават напори пливачкиот базен да изгледа се поубаво .

„Верувам дека и ова лето на базенот ќе имаме убави содржини кои што ќе се привлечни за охриѓани а секако сум сигурен дека од тука ќе произлезат идните охридски пливачи кои што ќе бидат реперезентативци на Р. Македонија и како што му личи на ова поднебје да има свои претставници во рамки на пливачката реперезентација. Тоа е нашиот стремеж на кој континуирано работиме, верувам дека овој комплекс ќе биде надограден со затворениот пливачки базен“– изјави Спасески.

Затворениот пливачки базен е долго очекуван, и за жал сеуште нереализиран проект и за членовите ПК Охридски Бранови. Тие велат дека не може да се зборува за развој на пливањето и калење на славни имиња од овој спорт само за месец и половина тренинг во отворениот базен.

bazen„За да се извади еден пливач потребно е долг период и континуитет за работа, а пред се услови. Ние во Охрид знаеме какви се условите за работа, функционитаме само еден месец и пол, а за да извадиме еден професионалец треба повеќе години работа, труд и услови за работа. За ватерполо немаме инфраструктура се надеваме дека кога ќе добиеме затворен пливачки базен ќе може да се развие ватерполото во Охрид. Ова е само почеток кој ветува дека ќе се направи нешто на ова поле“ – нагласува тренерот Ристе Јанкоски.

Најавите на градските власти се дека најверојатно од септември ќе почне изградбата на затворениот пливачки базен откако ќе се докомплетираат сите предуслови кои се потребни за негова изградба. Инаку, сите заинтересирани, веќе можат да си го обезбедат својот термин во двете пливачки школи бидејќи од денес па натаму вратите кон двата базени се отворени.

Loadposition content9}