Во Музејот на Белчишкото Блато се одржа работилница за донесување одлуки со примена на концептот на екосистемски услуги.
На настанот се обрати градоначалникот на Општина Дебрца Зоран Ногачески, кој ја истакна исклучителната важност на Белчишкото Блато, како за општината, така и за регионот, како и ја истакна поддршката во спроведување на вакви проекти.
Презентација за концептот на екосистемски услуги одржа проф. д-р Сашо Трајановски, биолог, а дискусијата беше модерирана од проектниот координатор Ѓоко Зороски.
Работилницата е во рамките на проектот „Екосистемски услуги од Белчишко Блато и еколошка едукација“ (Belchishta Wetland Ecosystem Services & Environmental Education (BW-ESEE)“, кој започна на 1 декември 2022 г. и ќе трае до 1 октомври 2023 г.
Ова е првата работилница, а преостануваат уште четири, од кои дел ќе бидат со теренски посети на Белчишкото Блато.
Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), кој го препозна блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата од нашата држава.
Целта на проектот е да ги идентификува најзначајните екосистемски услуги кои се добиваат од Белчишкото Блато.