Рационално да се користи водата за пиење, апелира директорот на охридски Водовод
По најавите од Управата за хидрометеоролошки работи за топлотниот бран во периодот што ни претстои, ЈП Водовод Охрид испрати апел до сите корисници за разумно користење на водата за пиење. ЈП Водовод Охрид апелира до граѓаните да не се злоупотребува водата од водоводната мрежа за наводнување на земјоделските насади. Марјан Ристески, Директор на ЈП „Водовод – Охрид“, вели дека овие апели имаат за цел да ја подигнат свеста и кај охриѓани и кај туристите да не се злоупотребува водата за пиење.
„Апелираме оние кои имаат можност да користат техничка вода за наводнување, се со цел во овие жешки денови да обезбедуваме доволно вода за пиење за граѓаните на Општина Охрид. Имајќи во предвид дека се наоѓаме во шпицот на летната сезона, кога особено за време на викендите градот ни е преполн со туристи, треба да можеме да обезбедиме вода за пиење за сите во нашиот град.“ – вели Ристески.
Серијата апели од јавното претпријатие доаѓа после реакциите на граѓани за недостиг на вода за пиење или намален притисок во одредени делови од Општина Охрид. Ристески објаснува дека посебно во населбите од околината на Охрид каде што има земјоделски површини, во најавениот период со зголемени температури се злоупотребува водата од водоводната мрежа, за наводнување на паркови и земјоделски насади.
Од јавното претријате подолжуваат со реализација на тековните активности согласно акцискиот план, а во летниот прериод, главен акцент ќе биде ставен на непречено функционирање на водоводната мрежа.
„Претежно се ориентираме на одржување на водоводната мрежа, регулација на самите водоводни мрежи, имајќи во предвид дека во одредени подрачја, претежно на крајбрежјето, има поголема потреба од снабдување со вода, во овие месец месец и половина, ќе се задржиме на одржување и регулација на водоводната мрежа.“ – посочува Ристески.
Потоа ќе следи реализација но нови проекти, влечење на нови линии и други проекти, но затоа кога ќе престане забраната за изведување на градежни работи, објаснува првиот човек на охридски водовод Марјан Ристески.