Во петок со почеток во 19 часот, во Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, во галеријата Куќа на Робевци, ќе биде отворена петта самостојна изложба на Сокол Марковски.
Изложбата ќе биде под наслов „Рак не е само хороскопски знак“. Сликите се изработени во периодот 2020-2022 година во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија. Истата ќе биде отворена до 10.06.2022 година.
Идејата врз која авторот го гради проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас, затоа целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба.
Во случајов претставувањето портрети (портретниот жанр како определба го усовршувам подолг период) е најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“ (или негов дел). Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се претставени преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности – вели Марковски.
Портретите се поставени на црна позадина која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“ (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено.
Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајов сите се анонимно црни.