Ракотворбите од бабиното ковчеџе стигнаа и до младите
Тајните на вештата охридска жена, нејзиното прекрасно везење, шиење на народни носии и плетење допреа до младите. „Ракотворбите од бабиното ковчеџе“ е насловот на проектот кој веќе четири месеци се спроведува во соработка со општина Охрид, односно секторот за туризам и локален економски развој. Денешната работилница со наслов „Вредните бабини раце“ беше наменета за младите средношколки кои покажаа голем интерес да ги научат овие вештини. Ги запрашавме кои вештини кај нив пробудиле интерес и зошто е важно нивното изучување.
„Уште како мала ја гледав баба ми како умешно везе и плете и сето тоа ми беше многу интересно, па затоа и се пријавив на оваа работилница.“
„Имаше голем интерес за да се дојде, но за жал бројката беше ограничена на околу дваесетина девојчиња и немаше место за сите.“
„Заинтересираноста е голема, но мислам дека може да биде уште поголема бидејки ова се многу интересни вештини.“-рекоа дел од учесничките.
За успешно да се реализира оваа работилица се погрижија жените од женскиот центар „Бисера“ кои од прва рака им ги пренесуваа своите знаења на младите. Претседателката на центарот „Бисера“, Нада Мартиноска вели: „Ова е начин младите да сфатат дека ова е нешто наше, нешто што е традиционално.“
„Целта на проектот е на некој начин да ја задржиме нашата традиција, да го презентираме она што го имаме сите ние жените во своите ковчеџиња да ги наречиме и она што е најбитно да го пренесеме на младите како би успеале да го сочуваме ова богатство, да научат и тие тоа да го работат, за да можат и тие некогаш да го пренесат бидејќи сето она што го имаме, сето она што го работеле нашите жени е нешто што го покажува нашето минато и нашиот идентитет.“-рече Нада Мартиноска-Претседател на ЖЦ „Бисера“-Охрид.
Имено оваа работилница е втора по ред, од проектот „Ракотворбите на бабиното ковчеџе“. Првата во редот работилници ги обработуваше темите за жената и традицијата и сето она што Охридската жена успеала да го направи. „Проектот ќе заврши со изложба на која ќе го презентираме сето она што го имаме, што го чуваме, ќе ги отвориме нашите ковчеџиња за да може тоа јавноста да го проследи, а секако и примероците кои што ќе ги изработуваме денеска на оваа работилница.“-вели Мартиноска.
{loadposition content9}