Раководството на ИПА Охрид на средба со градоначалникот Пецаков
По повод претстојниот 67 светски конгрес на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) кој од 17 до 22 септември оваа година, ќе се одржи во Охрид, денеска претседателот на ИПА Охрид Стефан Димоски и началникот на СВР Охрид Игор Смилески, кој е генерален секретар на ИПА Охрид, остварија работна средба со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.
Претседателот Димоски, на градоначалникот Пецаков, му врачи покана за учество на Светскиот конгрес и го запозна со целокупната агенда на сите активности поврзани со овој највисок репрезентативен собир на државите и полициите од светот-членки на ИПА.
На средбата, во знак на благодарност за дадениот придонес и поддршка во работата и развојот на ИПА Охрид, на градоначалникот му беше доделена почесна ИПА картичка и ИПА значка со што, Пецаков стана ИПА пријател и почесен член на ИПА Охрид.
Градоначалникот Пецаков, ја прими и велосипедската статуетка од вело манифестацијата „На точак, Охрид и Струга да видам“, најзначајната вело манифестации што осма година по ред, ИПА Охрид ја организира со вело тура Охрид-Струга-Радожда, и ја афирмира потребата од изградба на современа и безбедна вело патека Охрид-Струга.