Skip to main content

Рама: Уште еден скапоцен камен од албанската природа на располагање на туризмот

Рама не се секира за УНЕСКО, багери работат на „ренесансата на Поградец“

„Се чини како албанскиот премиер да не е во тек со процесите кои се одвиваат, па форсира зафати кои се во спротивност на дадените препораки. “- велат од Охрид СОС.
 |  инфодеск  | 
Поградец

Дали во Албанија заткулисно се прави простор за проекти во Поградец и Тушемишта кои ја нарушуваат природата, иако државата се обврзала дека ќе го заштити тој дел од Охридскиот Регион?

Албанскиот премиер Еди Рама неодамна се пофали на Фејсбук со отпочнување на градежна офанзива со која, како што вели, уште еден од скапоцените камења од албанската природа се става на располагање на туризмот и стопанството.

поградец

„Се гради шеталиште кај Тушемиште, проект кој започнува од мостот Дрилон, поминува до изворите на Загорчан и стигнува до царинската точка Тушемиште„ – напиша Рама во објавата. Додава дека временската рамка на проектот е 12 месеци и според него ќе донесе целосна промена со значително влијание на ренесансата на Поградец.

Од една страна се прокламира заштита на природното наследство на Охридскиот Регион, но од друга, се форсираат некакви проекти кои ја нарушуваат природната рамнотежа, реагираат од ОХРИД СОС, по објавата на албанскиот премиер.
Заради вакви и слични предлози или интервенции на македонска страна беше предложено Охридскиот Регион да се стави на листата Светско наследство во опасност, потсетуваат активистите.

„Се чини како албанскиот премиер да не е во тек со процесите кои се одвиваат, па форсира зафати кои се во спротивност на дадените препораки. Наместо исполнување на препораките, имаме вакви нови ситуации, кои не одат во прилог на заштита туку напротив, дополнително ги уништуваат специфичните предели.
Уште еднаш на дело се покажува немањето волја за реално зачувување на исклучителните универзални вредности (ИУВ) на регионот, лицемерието на институциите, кои едно зборуваат или пишуваат а прават нешто сосема друго и ставањето на некои други интереси над оние кои треба да се приоритет.
“ – пишува во обајавта на еколошките активисти од Охрид СОС на Фејсбук.

Албанскиот дел од регионот само пред четири години беше вклучен на листата, но многу брзо се покажаа слабостите на терен.

„Што да очекуваме со вакви носители на државни и локални функции, и на македонска и на албанска страна.“ – велат од Охрид СОС.

Тие изразуваат надеж дека активистите и невладините организации од албанска страна веќе реагирале за овие градежни активности и ќе направат напори да се стопира понатамошното уништување на животната средина.