Skip to main content

Расте бројот на дуални паралелки во охридските средни училишта, ќе се воведуваат нови стручни профили

Расте бројот на паралелки во дуално образование во охридските средни стручни училишта. Интересот за запишување кај учениците е голем, а училишните центри се трудат да креираат програми и да воведуваат профили кои се во тек со развојот и потребите на реалниот сектор. Во таа насока продолжува проектот Учи паметно, работ и стручно во форма на социјален дијалог помеќу сите чинители со цел преку размена на искуства, предлози и мислења да се придонесе во понатамошен развој на дуалното образование.
 |  Маја Савиќ  | 

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ осум години се спроведува дуалното образование. Започна во 2018та година со 17 ученици запишани за профилот Техничар за индустриска мехатроника, за во овој момент во дуалните паралелки да има 585 ученици во сите струки и профили. Директорот Сашо Недески вели дека училиштниот центар, во креирање на наставните програми и отворање нови профили на струки мора да биде во тек со технолошкиот развој и најавува нов образовен профил од следната учебна година.

– Имаме доставено предлог до локалната самоуправа да го проследи до МОН за воведување на нов профил од машинска струка тоа е машински техничар за моторни возила на алтернативен погон., следејќи го трендот на нови возила, нови технологии кои мора да ги дочекаме подготвени за предизвиците на новото време.

Минатата година се заврши еден голем проект со поддршка од локалната самоуправа опремување на автомеханичарска работилница во која има уреди за центрирање , балансирање и промена на гуми, клима уреди и компјутерска дијагностика . Сите тие елементи се застапени во новиот профил кој планираме да го воведиме за следната учебна година, вели Сашо Недески – директор ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“

Во СОСУ “Св. Кирил и Методиј” се планира зголемување на бројот на паралелки во дуално образование. Во моментов има осум, но интересот за запишување на учениците е од година во година се поголем, вели директорот Ристе Јанкоски.

-Тоа ни дава причина да избереме дуално образование бидејќи гледаме дека е квалитетно образование кое дава повеќе можности да се создаде соодветен кадар. Имаме одлична соработка со приватниот сектор , поголем дел од учениците извршуваат пракса во приватен сектор само еден мал дел се во јавните претпријатие за што сме многу благодарни. Оваа година одиме со поголем број на дуални паралелки. Во нашето училиште покрај економски имаме и медицинска паралелка за медицинска сестра и сакаме да пробаме во прва година со дуална паралелка во таа струка, вели Ристе Јанкоски– директор СОСУ “Св. Кирил и Методиј”.

Од оваа година во средните стручни училишта се воведе и Координатор за учење преку работа согласно измените на Законот за средно образование. Координаторите се од витално значење за успешно спроведување на процесот кој треба да води кон едно модерно образование преку силна соработка меѓу стручните училишта и бизнис заедницата, вели Наташа Јанкоска Китани, професор по машинска група предмети во ОЕМУЦ и Координатор за учење преку работа.

– Ние сме врската меѓу ичилиштето и компаниите или мостот помеѓу теоретското знаење и практичното образование. Морам да кажам дека имаме многу добра соработка со компаниите, редовно преку состаноци ги следиме учениците, како тие напредуваат, како ја прифаќаат новата работна средина со оглед на тоа што тие имаат само 16 години кога почнуваат со учење преку работа во толку сериозни компании со високи стандарди во однос на дисциплината, одговорноста , дружбата и тн. Имаме заедничка цел со компаниите да создадеме квалитетен кадар , стручно образован кој понатаму ќе биде иднината на нашата држава и ќе се најдат себеси на пазарот на труд како готов производ, вели Наташа Јанкоска Китани – професорка по машинска група предмети во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ .

Во спроведувањето на ефективни стратегии и методолошки пристапи за подобро образование, училиштата црпат драгоцени искуства и од странство посебно преку европската образовна програма Еразмус +. Неодамна професори и ученици од ОЕМУЦ Св. Наум Охридски учествуваа во проектот „Дуално образование за успех: Истражување на ефективни стратегии во образованието и обуката“ во Велење, Словенија.

– За време на нашата посета во Словенија се запознавме во целост со начинот на реализација на практичната настава во дуалното образование во Словенија, се запознавме со одредени позитивни практики како тие успеваат да ја реализираат таа практична настава и учење преку работа кај работодавач и која е онаа формула за успех. Нашите импресии се позитивни и мислам дека голем дел од тоа што го видовме таму можеме со успех да го спроведеме и во нашиот училишен центар, вели Љупчо Балески – професор по електро група предмети.

Општина Охрид дава силна поддршка на процесот на соработка помеѓу средните стручни училишта и локалните компании, а со тоа и на дуалното образование.

– Бенефитот од ваквиот социјален дијалог е взаемен за сите вклучени страни што значи важен е за самите институции, за образованието , за работодавачите за учениците во крајна линија е важен за локалниот економски развој. Затоа што индиректно се рефлектираат сите аспекти кои се инкорпорирани во овие дуални програми кои низ годиниве даваат одлични резултати на ниво на Општина Охрид, изјави Ана Крстеска – заменик градоначалник на Охрид.

Зголемување на бројот на дуални паралелки, креирање нови образовни профили и подобрување на образовниот процес во стручните училиштата е во фокусот на проектот „Учи паметно, работи стручно“ во чии рамки денеска во форма на социјален дијалог се одржа работна средба во ОЕМУЦ Св Наум Охридски. На овие работни средби кои редовно се одржуваат последниве 5 години се разменуваат искуства, предлози, сугестии и мислења со една цел создавање квалификуван кадар кој одговара на потребите на реалниот сектор.