Расте бројот на дивите депонии во Охрид и околината
Директорот на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски вели дека потребно е засилено дејствување на соодветните инспекциски служби, а најавува и проект во соработка со Националниот парк „Галичица“ за расчистување на бројните диви депонии на потегот околу селото Рамне и на патот за селото Велестово.
Несоодветното депонирање на градежениот шут, кабастиот и зелениот отпад, проблем за хигиената во Охрид. Не е поштеден ни националниот парк „Галичица“, а улицата „Јордан Мијалков“ наликува на нов Мауцкер. Директорот на јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ Љупчо Грданоски, вели дека забраната за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер дополнително ја усложнило ситуацијата, а смета дека интензивирањето на активностите на инспекциските служби е она што може да биде решение на овој долгогодишен проблем.
„Овој проблем станува се поголем од отприлика две години, откако е донесена одлука за забрана за депонирање на градежен шут на депонијата Мауцкер, без да се даде соодветна алтернатива на граѓаните каде истиот би го депонирале, затоа што градот и граѓаните секојдневно создаваат секаков вид на отпад“, вели Љупчо Грданоски в.д. Директор ЈП „Охридски Комуналец“.
Грданоски објаснува дека само пред неколку месеци, од истата локација градското јавно претпријатие кое се грижи за комуналната хигиена, по договор со Фондот за комунален развој при општина Охрид, подигнало речиси 150 метри кубни градежен шут,но тоа било само времено решение. Тој најавува и проект во соработка со Националниот парк „Галичица“ за расчистување на бројните диви депонии на потегот околу селото Рамне и на патот за селото Велестово.
„Сме во преговори со раководството на Националниот парк „Галичица“ да изработиме еден заеднички проект за расчистување на тој потег околу селото Ремне и на патот за селото Велестово, зошто и до нас стигнуваат голем број реакции. Но ние како јавно претпријатие не можеме без налог на националниот парк или без заедничка соработка да ја извршиме таа услуга“, објаснува Љупчо Грданоски в.д. Директор ЈП „Охридски Комуналец“.
Од јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ највуваат дека до крајот на годината ќе продолжат со акциите за подигање на кабаст и зелен отпад и тоа секоја сабота, но исклучиво со дојава од граѓаните.