Расте бројот на поплаки кај Народниот правобранител во Југозападниот регион во земјава за измами поврзани со брзи кредити. Голем број граѓани се жалат дека потонале во дополнителни долгови.
Заменик народниот правобранител, вели состојбата е алармантна. Се поголем број граѓани се соочуваат со извршители поради немоќ да ги враќаат долговите, кои секојдневно растат.
„Значи алармантна, е проблематично бидејќи многу граѓани од различни категории социјални, со здравствени проблеми земаат брзи кредити што не можат понатаму да ги извршуваат своите обврски, односно да ги враќаат. Им се зголемува долгот и извршителите постапуваат”, вели Илбер Руфати заменик народен правобранител за Југозападен регион со седиште во Кичево.
Иако брз кредит може да се добие само со лична карта, без документ дека лицето е вработено и има редовна месечна плата, отплатата на долговите често е тешка, поради високите камати. Народниот правобранител апелира граѓаните добро да ги читаат договорите за брз кредит пред да ги потпишат.
„Најбитно е прво граѓаните да се повлекуваат од овие тн брзи кредити, второ е да ги читаат договорите, бидејќи каматите се зголемуваат ненормално. И она што треба да се преземе од страна на државата да се види законот за овие брзи кредити односно за воие правни субјекти кои едноставно со закон и не може да функционираат како банки”, додава Руфати.
Од друга страна секојдневно низ градовите се отвораат нови агенции кои даваат брзи кредити само со документ за идентификација. Илјадници граѓани поради лесната процедура за добивање пари, заглавија во дополнителни долгови.
Новинар Соња Рилковска