Skip to main content

Невролошки нарушувања и инвалидитет

Расте бројот на заболени од мултипла склероза

Во Република Македонија од мултипла склероза боледуваат околу 1.500 лица. Во светот има повеќе од 2,8 милиони лица.
 |  инфодеск  | 
Мултипла склероза

Бројот на новодијагностицирани пациенти со мултипла склероза постојано расте, бидејќи секоја година се дијагностицираат нови 80 до 120 пациенти. Во Република Македонија боледуваат околу 1.500 лица. Во светот има повеќе од 2,8 милиони лица.

Многу е веројатно дека стотици илјади лица остануваат недијагностицирани и многу животи се индиректно зафатени. Повеќе од 50 пациенти се на листата на чекање за примање на високоефикасна терапија.

Мултипла склероза

Лицата кои се на листата за чекање за терапија се млади, работоспособни и сè уште можат да го дадат својот придонес во општеството, но ако останат и понатаму без терапија, постои ризик за прогресија и појава на неповратен инвалидитет – посочи претседателката на Националното здружение за Мултипла склероза Ана Карајанова Димитрушева, на денешното одбележување на 30 мај, Светскиот ден на лицата со мултипла склероза.

Мултипла склероза (МС) е една од најчестите невролошки нарушувања и причини за инвалидитет кај младите возрасни лица. Настанува кога имуниот систем ја напаѓа обвивката на нервните клетки (миелин) во мозокот, ’рбетниот мозок и оптичките нерви, предизвикувајќи воспаление и последователна дегенерација.

Симптоми на мултипла склероза: заматен вид, двојни слики, слабост и отежнато движење, нарушување на рамнотежата и вртоглавица, проблеми со говор и голтање, когнитивни и емотивни нарушувања и многу други.

Мултипла склероза

Повеќето лица со МС се дијагностицираат на возраст од 20 до 40 години и околу три пати почесто се дијагностицираат жени наспроти мажи.

Причината за МС сè уште не е позната и досега не постои лек, но постојат лекови кои можат да им помогнат на лицата со МС да ја стават болеста под контрола, а постојат многу опции за подобрување и управување со симптомите.