Skip to main content

Расте бројот на туристи, најбарани се пловидбите по eзерото

Туристичките работници велат дека сезоната засега се одвива во добра насока, а најголемиот туристички бран допрва се очекува.
 |  инфодеск  | 

Колони возила на градските улици, преполни тераси, редици во маркетите и раздвижени плажи. Ваква е сликата деновиве во Охрид, кој веќе го живее шпицот на летната туристичка сезона. Од раните утрински часови па до доцна навечер, градот пулсира во ритамот на летото. Најбројни се домашните гости и туристите од земјите од регионот, но сè повеќе има посетители и од Холандија, Англија, Полска и Турција, кои престојот во градот го користат за одмор, прошетки и уживање во убавините на Охридското Езеро.

Туристичките работници велат дека сезоната засега се одвива во добра насока, а најголемиот туристички бран допрва се очекува.

„Сезоната, генерално, тече во добар правец. Очекуваме пикот на сезоната допрва да започне. Полека се полниме и со домашни и со странски гости и очекуваме максимумот на сезоната допрва да дојде. Се надеваме дека ќе започне што поскоро и ќе трае што подолго.” – вели Марко Тасески, туристички водич и бродар.

Покрај прошетките низ стариот дел на градот и културно-историските знаменитости, сè поголем интерес кај туристите има и за пловидбите по Охридското Езеро. Најбарани се панорамските тури, но сè почесто посетителите избираат и подолги или индивидуално креирани прошетки, прилагодени на нивните желби.

„Најголем интерес има за кратките прошетки што ги организираме околу стариот дел на Охрид. Но, барани се и целодневните тури, од Охрид до Свети Наум, како и од Охрид кон Струга и Калишта.” – вели Тасески.

Според очекувањата на туристичките работници, најголемата раздвиженост допрва следува. Традиционално, во деновите пред и по Илинден, Охрид го достигнува врвот на летната сезона. Тогаш градот е домаќин на бројни концерти, културни настани и забавни манифестации, а се очекуваат илјадници домашни и странски гости, кои и ова лето ќе го исполнат туристичкиот центар на брегот на Охридското Езеро.