Skip to main content

Расте интересот за купување недвижности на брегот на Охридското Езеро

Препораките на Унеско ги поскапуваат цените на недвижности на брегот на Охридското Езеро. Становите на атрактивни локации достигнаа цена од 2000 евра квадрат, полуксузните апартмани и по 2800 евра. Но и  покрај поскапувањето интересот за купување на недвижности расте.
 |  инфодеск  | 

Умерената урбанизација согласно препораките на Унеско и натаму  ги поскапува цените на недвижностите на брегот на Охридското Езеро. Новите станбени објекти се со помал габарит и катност и во централното градско подрачје, но и на периферијата.

Цените на становите на брегот на Охридското езеро достигнаа 2000 евра, полуксузните апартмани и по 2800 евра за квадрат. Според добрите познавачи поради намалената понуда, цените на недвижностите  и натаму ќе растат.

„Состојбата на пазарот на недвижности е континуирана, активна и динамична. Имаме постојано благ пораст на побарувачката, односно интересот за купување на недвижности особено на станови и апартмани во Охрид. Од друга страна имаме и постојано инетерес за инвестирање и градење во Охрид”, вели Наташа Спасеска агент за недвижности.

И покрај тоа што цените растат, расте и интересот за недвижности на брегот на Охридското Езеро. Најбарани се малите викенд станови и апартмани.  

„Имаме најава за некои нови градби на атрактивни локации таму цените ќе бидат над 3000 евра. Најбарани и понатаму секако остануваат викенд становите за задоволување на туристички потреби за клиенти кои не се од Охрид се од други делови на Македонија и надвор од Македонија. Или како инвестиција за станоиздавање”, додава Спасека.

Ако во минатото се градеа станбени објекти и по седум, осум ката сега највисоките дозволени објекти  надвор од централното јадро согласно Планот за управување со светското културно наследство може да бидат најмногу П+5 ката.

Новинар Соња Рилковска