Skip to main content

Образование

Расте потребата од образовни асистенти

Охридските училишта добиле образовни асистенти, но не според потребите. Стручниот кадар за основците го ангажира ресурсниот центар од Битола, а за средните школи се вклучува и локалната самоуправа.
 |  Валентина Неловска  | 

Некои основни школи сеуште чекаат образовни асистенти. Тие се распределуваат од ресурсниот центар „Кочо Рацин“ од Битола за децата кои поседуваат комисиска проценка за нивната функционалност. По дваесетина изминати денови од почетокот на школската година некои школи добиле онолку асистенти колку што побарале , а некои не. Во ОУ „Христо Узунов“ има еден образовен асистент, а се чека на одобрение за уште осуммина стручни лица , информира директорката Марина Ѓорѓоска. Наставата се одвива со потешкотии, а во меѓувреме се ангажира училишната стручна служба. Дефектологот, психологот и педагогот работат со учениците со посебни потреби и покрај нивниот ангажман со останатите ученици.


На овие осум ученици кои се со целосна документација им е потребно целосно пратење, асистент за да може децата редовно да следат настава , да се згрижени од асистентот за да може наставникот со другите ученици да ја обавува наставата според планот и програмата“, напоменува Ѓорѓоска.

Во основните училишта од година в година расте потребата од образовни асистенти. Ситуацијата налага да се вработуваат стручни лица кои ќе работат со овие деца во образовниот систем .

За жал, се повеќе, секоја година се зголемува бројот на дечиња со посебни потреби и треба да им излеземе во пресрет. Наставниците во наставата не се стручни да го надминат тоа и во училиштат треба да се преземат мерки за примање на стручни лица кои ќе работат со вакви дечиња“, вели Ѓорѓоска.

Во основното училиште „Григор Прличев“ се ангажирани двајца образовни асистенти во второ одделение, а за прво одделение се очекува да им биде распределен уште еден асистент. Тројца асистенти се распределени и во ОУ „Братство Единство“ за учениците кои имаат МКФ проценка за функционалност на децата. Информираат дека добиле образовни асистенти колку што побарале иако напоменуваат дека има потреба од поголем број образовни асистенти , но децата немаат стручна проценка за нивната функционалност.
Охридската Локална самоуправа дава поддршка за потребите на овие деца од оваа учебна година. Финансира 10 образовни асистенти за три средни школи и ОУ Св Климент Охридски.