Разлеана материја во езерото, инспекторатот негира
Откако во текот на вчерашниот ден, сограѓани на социјалните мрежи споделија фотографии на социјалните мрежи на кои се гледа дека кај еден од објектите кои се наоѓаат во изворите кај Свети Наум, се разлева непозната материја во чистата вода, од страна на Државниот инспекторат за животна средина истиот ден е извршен вонреден инспекциски надзор во Друштво за угостителство трговија и услуги ОСТРОВО Б.Д.Б. увоз-извоз Охрид ДООЕЛ св.Наум-Охрид во присуство на овластен инспектор за животна средина од општина Охрид.
„Надзорот е извршен од страна на Државен Инспектор за животна средина од Одделението за инспекциски надзор во животната средина Пелагониски и Југозападен регион, Канцеларија во Охрид, а по претходно добиена претставка по електронски пат со фотографија дека од објектите кои се наоѓаат во изворското езерце има загадување на водите“ стои на Фејсбук страната на Државен Инспектор за животна средина.
Во постот на кој се прикачени и фотографии направени од инспекторатот, стои дека при увидот е константирано дека на посочената локација од претставката нема обојување на водата како што има на сликата од претставката.
„Во внатрешниот дел на ресторанот кој служи како магацин немаше излевање на масни флеки од масло за јадење и бетонскиот дел беше сув“, се вели во објавата.
Од инспекторатот со објаснување дека субјектот има Елаборат за заштита на животната средина изработен во април 2015г. за кој има добиено решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина со бр. УП1-11-185/7 од 05.06.2015г. издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање, а дека во ресторанот постои сепаратор за мастите кој беше исполнет до половина односно сеуште имаше простор да собира масти.
При надзорот беа приложени транспортни формулари од 05.06.2021г. за подигање на отпадни масла и масти во количина од 50кг. и од 09.06.2022г. за подигање на масти и масла за јадење од растително потекло во количина од 54кг. Отпадното масло кое потекнува од угостителство е неопасен отпад.Од страна на претставникот на субјектот беше изјавено дека водоснабдувањето и одведувањето на отпадните води е регулирано од страна на Манастирот Св.Наум, се вели во објавата на официјалната фејсбук страница на Државниот инспекторат за животна средина.