Skip to main content

РЦСОО ,,Ванчо Питошески” Охрид го одбележува патронатот како модерно училиште со современи услови за стручна настава

РЦСОО ,,Ванчо Питошески” Охрид од неодамна целосно реконструран и модернизиран, новата етапа во својот развој ја започнува со модерни услови кои што ќе ги стимулираат младите да одбираат стручно образование и ќе се подигне квалитетот на наставниот процес за креирање на квалитетен кадар.
 |  инфодеск  | 

Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ Охрид денеска го одбележа патрониот празник. Годинава училишниот центар започнува една нова етапа во својот развој, односно патронатат го прославува во целосно реновиран објект.

Денешната свеченост започна со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјето на народниот херој од антифашистичката и ослободителна војна, Ванчо Питошески во училишниот двор.

Директорот, Марјан Радески во своето обраќање истакна дека училишниот центар прерасна во модерна установа со услови што ќе ги стимулираат младите да одбираат стручно образование и од каде ќе излегува квалитетен кадар подготвен за настап на пазарот на труд.

„Ние правиме максимум како училиште да обезбедиме што повеќе ученици односно идни работници кои ќе требаат во туристичкиот сектор и секогаш сме отворени за соработка со угостителско-туристичкиот сектор и во градот и на ниво на држава. Во моментов во регионалниот центар имаме 240 ученици коишто се запишани во 3-годишно и 4-годишно образование и оваа година како и минатите бележиме раст од 20% на запишани ученици во прва година. Се надеваме дека тој раст ќе продолжи и понатака бидејќи не само подобрувањето на условите туку и потребата на угостителски кадар е многу потребна во целиот овај регион, во Охрид и низ целата држава.“ – изјави директорот Радески.

На свеченоста им беа доделени признанија на учениците и менторите кои на годинешниот меѓународен натпревар на угостителско-туристички училишта GАTUS 2024 освоија два бронзени и еден сребрен медал во дисциплините готварство, угоститеслко послужување, туристички аранжман. Исто така благодарници за вложениот труд добија и вработени со 20, 30 и 40 години работен стаж.

ugostitelsko

Со реконструкцијата на ова училиште, во вредност од 1.7 милиони евра обезбедени од Министерството за образование и наука, се изврши промена на азбестниот кров, нова енергетско ефикасна фасада, електро водоводна, одводна и атмосферска инсталација, нова дограма, соларен систем со 24 панели, партерно уредување и осветлување.Реновирани се 40 соби и тоалети во ученичкиот дом кој доби и нова читална.

„Следниве денови ќе пристигне уште една нова набавка тоа е мебел (клупи, столчиња, табли, плакари) со што ќе бидат комплетно опремени сите училници како и кревети и душеци за ученичкиот дом. А за месец – два пристигнува и новата угостителска опрема за кабинетите по практична настава којашто ќе ја надополни досегашната и значително ќе ги подобри условите во коишто ќе работата и учениците и каде колегите ќе одржуваат практична настава.“ – најави Радески.

Средното стручно училиште Ванчо Питошески од годинава е дел од програмата за размена на ученици„Запознајте ги Суперучилиштата“ во чии рамки ќе реализираат заеднички проекти со партнерските училишта од Западен Балкан.