Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ Охрид денеска го одбележа патрониот празник
Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ Охрид денеска го одбележа патрониот празник. Свеченоста започна со положување на свежо цвеќе пред спомен обележјето на народниот херој од антифашистичката и ослободителна војна, во училишниот двор. Ванчо Питошески покажа што значи храброст, саможртва и љубов кон татковината, а денес ние продолжуваме да градиме врз тие вредности, да се бориме за знаење, за воспитување генерации кои ќе создаваат и ќе ја градат иднината на нашата земја, кажа во своето обраќање директорот на училиштето, Тони Андрески.

– Тука образуваме стручни кадри кои треба да знаат како се пречекува еден гостин, како се претставува една земја, една култура. Со своето знаење, стручност и креативност, тие треба да бидат двигатели на туристичкиот развој на Охрид, најпривлечната туристичка дестинација во земјата, градот кој живее од и за туризмот, потенцираТони Андрески – директор на РЦСОО Ванчо питошески.


Со континуирано вложување во училиштето обезбедени се современи и функционални простории, модерна опрема и современи услови за учење, работа и престој. Ученичкиот дом обозможува еднаков пристап до образование за сите без оглед од каде доаѓаат учениците, кажа Андрески.
– Бројни реализирани проекти, награди, признанија се дел од успесите на овој центар кои се плод на посветена работа и љубов кон професијата, како на наставниците, така и на учениците. Овде сакам да го нагласам минатонеделното учество на ГАТУС натпреварот во Бар, Црна Гора каде нашите ученици заедно со нивните ментори освоија една златна и две сребрени медали. Сите ние сме дел од ова училиште и верувам дека уште многу генерации ќе придонесат во неговото траење и издигнување, рече Андрески.
Во име на општината, патронатот на учениците и вработените во училишниот центар го честита заменик-градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска. Таа им посака и во иднина да освојуваат награди и највисоки признанија на државни и меѓународни натпревари.

–Тука пред нас се идните хотелиери, угостители и даватели на услуги. Тие го претставуваат нашето лице , како ќе се претставиме пред гостите од земјава и светот, затоа за нас како локална самоуправа е важен овој патронат. Нашата должност и обврска е да создаваме подобри услови за образованието на нашите деца, рече Крстеска.
На свеченоста, на која присуствуваа бројни гости и претставници на институции и компании со кои соработува центарот, беа доделени признанија на вработените кои оваа година остварија јубилеен стаж и на учениците и менторите кои добија високи награди на годинешниот меѓународен натпревар на угостителско-туристички училишта GАTUS 2025.
