Повторно се раскопува новопоставената калдрма кај Чинар, од општината издале налог за корекција на неправилности на товар на изведувачот

Повторното раскопување на дел од новопоставената калдрма на влезот од охридската чаршија, во рамки на проектот за реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ и просторот околу „Чинар“, предизвика реакции од политичките партии Левица и СДСМ Охрид, додека од Општина Охрид денеска соопштија дека станува збор за корекција по утврдени неправилности при изведбата.
Од Општината информираат дека при контрола на терен, извршена од стручниот надзор ангажиран согласно законските процедури, биле констатирани неправилности во поставувањето на коцката на почетокот од пешачката зона, на површина од околу 45 метри квадратни.
„До изведувачот е издаден налог за корекција на изведбата и за целосно усогласување со проектот и предвидените технички спецификации“, соопштија од локалната самоуправа, додавајќи дека прередувањето на коцката и сите дополнителни градежни активности ќе бидат на товар на изведувачот.
Од Општината потенцираат дека „нема да прифатат решенија кои отстапуваат од предвидениот квалитет“ и дека сите забелешки од надзорот мора да бидат отстранети пред продолжување и прием на работите.
„Целта е реконструкцијата на плоштадот „Чинар“ да се реализира квалитетно, безбедно и во интерес на граѓаните.“ – посочуваат оттаму.

Претходно, со реакција до медиумите се огласија од Левица Охрид, од каде обвинија дека просторот бил реконструиран „набрзина, без никакво идејно решение“, по реакциите на дуќанџиите кои со месеци се соочувале со раскопан простор на влезот од чаршијата.
„Со механизација повторно се копа истиот дел од градската чаршија. Некако стана практика уште од првиот мандат на градоначалникот да се реконструираат веќе реконструирани тротоари и улици“, велат од Левица, прашувајќи „како се трошат парите на граѓаните“.

Реакција пристигна и од СДСМ Охрид. Од партијата оценуваат дека „единствениот успех на локалната власт е да го ископа градот пред туристичка сезона и тоа на тазе поплочениот дел од чаршијата“.
Инаку, проектот за реконструкција на просторот околу плоштадот „Чинар“ предвидува нов урбан изглед со поставување урбана опрема, канделабри, ЛЕД осветлување, фонтана, садници, клупи и канти за отпадоци. Вредноста на проектот изнесува 45 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Охрид.







