Skip to main content

Реализација на програмите од буџетот – дали некои се поприоритетни од други

Советот на Општина Охрид денеска ја одржа 61та седница. Беа усвоени извештаите за работењето на јавните претпријатија во вториот квартал од годинава како и извештаите за реализација на годишните и развојните програми и остварувањето на буџетските средства во првото полугодие.
 |  Маја Савиќ  | 

Градскиот совет ја одржа 61-та седница со обемен дневен ред од 85 точки. Советот ги усвои извештаите за реализација на годишните и развојните програми и за остварување на буџетот на Општина Охрид за периодот од 1-ви јануари до 30-ти јуни.

Буџет со средства за манифестации, трансакции, фестивали, спорт, тоа е основата којашто е водечка во извештајот и во овој буџет, истакна советничката од СДСМ и коалицијата. Живка Ангелоска. Таа посочи дека многу е мала реализацијата на капитални проекти од сопствени средства, доколку се изземат проектите кои, како што рече, 4 години ги красеа страните на буџетите на општината но не стигнуваа во финална фаза затоа што општината веројатно имаше други приоритети, и сега се реализираат од средствата од унгарскиот кредит чии камати ќе ги плаќаат граѓаните.

Доколку го разгледувате извештајот ќе забележите дека лидер во реализација е програмата за спорт . Значи лидер во реализација од сите програми на оваа локална власт е реализацијата за спорт со 69%, тоа се трансакции кон спортски клубови , не се капитални инвестиции. Затоа реков четири години буџети за трансакции, манифестации, фестивали. Веднаш по таа програма, следува реализацијата на програмата на совет со околу 60% и тука во најголем дел се оние субвенции кои ги дава општината на јавните претпријатија наспроти реализација на капитални приходи во одредени програми како што се други комунални услуги , како што се територијална противпожарна заштита, средно образование, детска заштита, енергетска ефикасност , има и други но и овие се доволно интересни за да се знае колку се важни за животот на граѓаните.“ – истакна Ангелоска.

Програмата за туризам има реализација помалку од 3 % што за Охрид како туристички центар е премалку, потенцира Ангелоска. Ја пофали реализацијата на проектот за реконструкција и адаптација на зградата од поранешната касарна во која се префрли ООУ “Кочо Рацин”, како пример на соработка помеѓу позиција и опозиција за поголемо добро.

Според реализацијата на средствата приоритетите на локалната и на граѓените не се совпаѓаат, констатира советничката, со што не се согласува секретарот на општината.

Дали приоритетите на локалната самоуправа се и приоритетите на граѓаните тоа ќе го кажат граѓаните на следните избори во октомври и тогаш ќе ја расчистите дилемата. Јас тврдам дека сите проекти што се направени се направени затоа што се се приоритет на граѓаните на Охрид , да не ги набројувам и истите тие проекти произлегоа од страна на граѓаните , не ги измисливме ние тие проекти и им ги наметнавме на граѓаните. Тие се заедно со граѓаните ставени во програма и реализирани.– кажа секретарот Китески.

Советниците ги разгледаа и усвоија и извештаите за работата и остварените резултати на јавните претпријатија за вториот квартал од годинава. Целосната слика за состојбата во јавните претпријатија и нивната успешност во работењето ќе биде појасна во годишните извештаи, но и понатаму се далеку од финансиска стабилност и кондиција да работат без поддршка од локалната преку субвенции, констатираа советниците од опозицијата.

„ Како и да ги вртиме бројките, еден квартал негативен, втор позитивен и т.н дефинитивно вистинската реална слика за поголемиот број јавни претпријатија е превработени јп, со дотраена механизација, со амортизирани основни средства, со долгови кон добавувачите , кои што живеат на грбот на општината . И сега, како и предходно, покажуваат податоците дека во изминатите шест месеци општината ги субвенционирала јавните претпријатија со 19 300 000 денари за плати, за функционирање , за жал не за обновување. Сето тоа наведува дека нема веќе место за импровизација, нема место ниту за одолговлекување на проблемите и секогаш зборував и уште еднаш ќе кажам дека субвенциите не се решение за јп.– рече Ангелоска.

„Од она што можам да констатирам дека локалната самоуправа неколку пати, неколу пати е нагласено, обично скоро на сите јавни претпријатија му дава субвенции, кога повеќе, кога помалку , предничи ЈП Водовод што е и разбирливо поради потрошувачката на електрична енергија, меѓутоа на најголемото јавно претпријатие Охридски комуналец барем во овие месеци не видов дека има дадено ниту еден денар субвенции. Повеќе пати го спомнувам, меѓутоа таа практика продолжува. Мислам дека треба да се обрне внимание, има доволно пари во буџетот да се даде и на ова јавно претпријатие.“ – кажа советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костоски.

На денешната седница беа усвоени извештаите за работата и материјално – финансиското работење на основните училишта и на детска градинка „Јасна Ристеска“ за минатата учебна година и годишните програми за работа за претстојната. Повлечени беа точките кои се однесуваа на програмите за изведување училишни екскурзии во основните училишта бидејќи според новиот правилник мислење за истите не дава градскиот совет туку само совет на родители. Советниците дадоа зелено светло и за прифаќање донација на специјално товарно противпожарно возило-комбе, наменето за територијална противпожарна единица на општина Охрид. Беа усвоени и неколку точки од урбанистичката сфера.