Skip to main content

Подигнување на еколошката свест

Реализиран проектот Чисто езеро светла иднина

Реализиран проектот „Чисто езеро-светла иднина“, а изработен е и видео спот со пораки за здрава животна средина.
 |  инфодеск  | 
Чисто езеро

Во рамките на проектот „Чисто езеро-светла иднина“ кој има за цел подигнување на еколошката свест изработен е видео спот преку кој младите испратија силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.

Изминатите пет месеци во рамките на проектот поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање се одржаа низа активности, еко-акции за чистење на крајбрежјето на Охридското езеро, мапирање на еколошки чисти плажи, подводно чистење како и панел дискусија на која беше потенцирана важноста за здрава и чиста животна средина.

На повеќе плажи младите од Охрид, помогнати од волонтерите од „Црвен крст“- Охрид, собираа најразличен отпад. Интересот кај младите кои се вклучија во акциите беше голем. На повеќе локации се собираше отпадот, а беше спроведека и креативна акција „Не фрљај ѓубре смрдиТ“ на која преку типичен охридски дијалект беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското езеро. Исчистените плажи беа обележани со еко-знамиња како еколошко-чисти плажи. Целта пред се е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското езеро и крајбрежјето – велат од здружението „Нова порта“.

Оттаму додаваат дека вакви акции се исклучително потребни затоа што едукацијата и практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

Во рамките на проектот се реализира и подводно чистење на езерото, а собраниот отпад беше презентиран пред младите на кој им беше потенцирана штетноста врз ендемичниот свет, кој милиони години живее во Охридското Езеро.

Најмладите преку вакви акции осознаваат за значењето на здравата животна средина. Во таа насока се организираа и едукативни еко-работилници како и еко-акција заедно со нуркачите за расчистување на дното на езерото – велат од невладината „Нова Порта“.