Skip to main content

Советот изгласа ребаланс на Буџетот на Општина Охрид за 2025 год

На денешната 60 седница на Советот беа изгласaни измени и дополнувања на Буџетот на Општина Охрид за 2025 година, поврзани со проектите кои ќе бидат реализирани со финансиската помош од државата за инфраструктурни проекти одобрени со вториот повик.
 |  Маја Савиќ  | 

Опозицијата со критка дека ребалансот на буџетот на Општина Охрид кој помина во Советот на денешната седница, е ветување на харија кое наликува на предизборен поткуп координиран од страна на централната власт преку скандалозниот унгарски кредит. Проектите кои ќе бидат финансирани со средства од унгарскиот кредит сака да се прикажат како инфраструктурен бум , како ренесанса, ама најголем дел од тоа претставува асфалтирање на улици, реконструкција на улици и канализациона мрежа, кажа координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата, Живка Ангелоска.

„ Драги граѓани тоа се работи кои општината е должна во нормалното функционирање да ги врши и да им ги обезбеди на граѓаните од средствата коишто граѓаните сами ги исплатиле и ја наполниле општинската каса. Ребалансот на буџетот на Општина Охрид претставува отсликување на сопствениот пораз на оваа локална власт за сето она што го вети да го исполни но за жал еве изминаа четири години, ништо или многу малку од ветеното е исполнето. Кога ги најавувате сите овие работи како ваша придобивка повторно заборавате да им кажете на граѓаните дека каматата ќе ја плаќаме токму ние граѓаните. “ – кажа советничката Ангелоска.

Кога се финансираат проекти со кредит тоа треба да бидат проекти кои носат дополнителна вредност, се надоврза советникот од ВМРО-НП Ванчо Костоски. Потсети дека на вториот јавен повик локалната власт најавуваше дека ќе се аплицира за финансиски средства за реализација на дел од проектот за водоснабдување од Свинишки извори, но тоа не се случи. Костоски посочи дека со средства од кредит можело да се финансира изградбата на обиколницата Јордан Мијалков која е многу значајна и ќе го растеретеше сообракајот во централното градско подрачје.

„Трет проект којшто ќе донесеше дополнителна вредност, требаше да се вложат пари во инфраструктура на познатата индустриска зона за која донесовме план наспроти градските гробишта…добро ќе беше да се направи инфраструктурата внатре во самата зона бидејќи низ контакти со луѓе кои ги поседуваат овие имоти таму, се спремни да вложат, да почнат со изградба на фабрика, тоа значи пари, ддв , нови вработувања, развој и за вде три години ќе ни се вратеа парите од даноците кои ќе се плаќаа.– рече Костоски.

Советничките Ангеловска и Милена Гроздановска од НСДП се осврнаа и на измените во Програмите за образование и детска заштита. Реагираа на кратењето средства со ребалансот првично наменети за реконструкција на зградата на гимназијата, како и кратење средства наменети за подобрување на условите во детските градинки.

На денешната седница со мнозинство гласови Советот даде согласност за годишниот план за вработување во јавните претпријатија и во општина Охрид за 2026 година. Беа усвоени и одлуки за учество на општината во проектите Авантура преку границите и РЕЦИРКЛ МЕД, за прифаќање донација на движни ствари – специјално товарно противпожарно возило – комбе, наменето за Територијална противпожарна единица на Општона Охрид и за формирање Општински совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на општина Охрид.