Skip to main content

Охрид дел од регионалниот систем за отпад, претоварна станица на Мауцкер, собирен центар на Железничка и затворање на Буково

Избран е проектант којшто ќе ја изработи целокупната техничка документација за затворање на нестандардната депонија во Буково. Парлелно се изработува проектната документација за претоварната станица во Мауцкер од страна на Агенцијата за планирање на просторот, а во тек е и спостапката за Собирен центар за фракции од отпад во Охрид. Очекувањата се регионалниот центар за управување со отпад во Новаци да биде функционален во 2030-тата година. Ова беше посoчено на на денешната средба која се одржа во Општина Охрид посветена на новиот Регионален план за управување со отпад.
 |  Маја Савиќ  | 

Воспоставување регионален систем за управување со отпад за општините од Југозападниот и Пелагонискиот регион, кој опфаќа современа регионална депонија во Новаци, четири претоварни станици, собирни центри за различни фракции отпад и затворање на постојните нестандардни депонии. Ова се главните компоненти на Регионалниот план за управување со отпад, кој треба да постави долгорочна рамка за решавање на проблемот со отпадот во двата региони.

„Самиот план има шест големи приоритети коишто почнуваат од изградба на функционална регионална инфраструктура, подобрување на институционалните капацитети на регионално и општинско ниво и исто така обезбедуваат една финансиска рамка како сето тоа да се реализира и плус дополнително подобрување на комуникацијата со граѓаните, нивно учество во процесите, подобрување на селекцијата и веројатно исто така многу битно затворање на нестандардните депонии, ѓубриштата низ земјата.“ – кажа Емил Ангелов – Раководител на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“.

Потребните финансиски средства за предвидените активности проценети се на 45,5 милиони евра. Според раководителот на проектот, за шестгодишниот период се обезбедени над 30 милиони евра, додека преостанатиот финансиски јаз се движи од 14 до 20 милиони евра, во зависност од обемот на активностите, особено оние поврзани со затворањето на нестандардните депонии.

„Очекуваме и претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да се функционални некое време во 2030 година. Она што останува е да се зајакнат капацитетите, односно самиот начин на работење на комуналните претпријатија да се смени во согласност со барањата на новиот систем. Работата со граѓаните е исто така многу битна, нивно активно учество е интегрален дел од самиот план и од самото управување со отпад.“ – посочи Ангелов.

Во Охрид, како дел од регионалниот систем ќе биде претоварната станица каде според планот ќе пристигнува отпад од Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен. Општината за претоварната станица ја предложила локацијата Мауцкер.  

Активностите за изработка на проектната документација за претоварната станица се во надлежност на Министерството за животна средина и Агенцијата за планирање на просторот, додека Општина Охрид ќе постапува во делот на своите надлежности по завршувањето на проектот и започнувањето на постапката за одобрение за градба.

Покрај тоа, определена е и локација за собирен центар на улицата Железничка, кај јавното претпријатие „Нискоградба“. Таму граѓаните ќе можат бесплатно да оставаат кабаст, зелен отпад, градежен шут и други фракции, со што се очекува да се намали создавањето диви мини-депонии низ градот и околината.

„Со оглед на тоа што веќе локацијата ја имаме, во текот на следната година веќе во предлог-буџетот што ќе го носиме во декември месец предвидени се средства и за промена на урбанистичкиот план, којашто постапка значи треба да започне следната година за на таа локација конкретно согласно урбанистичкиот план да имаме и предвиден собирен центар.“ – кажа Александар Китески -Секретар на Општина Охрид

Паралелно со подготовките за новата инфраструктура, една од обврските на Општина Охрид е и затворањето и санацијата на нестандардната депонија Буково. Од локалната самоуправа информираат дека завршена е постапката за избор на проектант кој треба да ја изработи потребната техничка документација за затворање на депонијата.

„Значи тоа е постапка во којашто веќе е избран проектант којшто ќе го изработи тој проект и таа проектна документација ќе ни ги даде насоките како во поглед на финансиската конструкција потребна за затворање на депонијата Буково, така и за фазите и временскиот период во којшто истата ќе биде затворена. Ние очекуваме дека во текот на следната година таквата проектна документација ќе биде завршена.“ – посочи Китески.

Регионалниот систем не е само изградба на регионална депонија, туку функционална целина што ќе ги опфати селекцијата, собирањето, транспортот на отпадот, затворањето на постојните депонии и соодветно депонирање на отпадот, посочи Китески. Затоа се неопходни инфраструктура, опрема, ефикасни комунални услуги, финансиски средства и институции со капацитет да го управуваат системот, потенцира секретарот.

„Очекуваме подобро организирани комунални услуги, помали количини отпад што завршуваат на депониите, почиста животна средина, подобра заштита на здравјето и поквалитетен живот за охриѓани. Сепак за овие цели да се остварат, потребна е посветеност на сите вклучени страни. Општината и јавните комунални претпријатија имаат важна улога во организирањето и спроведувањето на услугите, но без информирани и активни граѓани нема да може да се постигнат долгорочни резултати.“ – кажа Китески.

Регионалниот систем се очекува да биде целосно воспоставен во 2030та година, а неговото функционирање ќе зависи од, капацитетите на институциите и комуналните претпријатија, но и од активното учество на граѓаните во еден модерен систем кој предвидува правилно депонирање, селекција на отпад и одговорно однесување кој околината и животната средина.