Skip to main content

Екологија

Регионална депонија, не се гради лесно

Процесот до изградба на претоварни станици и меѓурегионална санитарна депонија не е едноставен, велат од МЖСПП.
 |  Голабовски Крсте  | 
претовар отпад

Не се одолжува изградбата на регионалната депонија во Југозападниот и пелагонскиот плански регион. Еден ваков голем проект има долг подготвителен период, кој веќе е завршен. Во моментот се формира проектна канцеларија за брз старт на проектот за изградба на санитарната депонија, рече – Каја Шукова – Министер МЖСПП.

„Со проектот се опфатени 5 региони. Југозападниот плански регион и пелагонискиот регион се во понапредна фаза, за среќа на Охридското Езеро и за среќа на депонијата во Буково којашто ќе биде се надевам една од првите депонии на која ќе престане да се депонира отпад“, – изјави Каја Шукова – Министер МЖСПП.

Процесот до изградба на претоварни станици и санитарна депонија не е едноставен. Ако се земе во предвид дека се опфатени два региони, а треба да се усогласат сите општини. Во оваа депонија, според сите планови, би се собирал сметот од сите 18 општини. Би се третирал според европски стандарди. Од поголемите општини, со овој регионален систем за управување ќе бидат опфатени Охрид, Дебар, Струга, Кичево, Прилеп и Битола.

„ Морам да кажам, за жал, дека многу често ни се случува да некоја од општините има спротивставено мислење од она што го правиме во интерес на државата и пред се на граѓаните. Се надевам дека во овој регион и во Пелагонискиот, нема да имаме таков проблем како што имавме во источниот и североисточниот. И дека до крајот на годината ќе започнеме со активности за распишување на јавни набавки, прво за набавка на опрема за јавните претпријатија, за изградба на претоварните станици и за изградба на регионалната депонија во Новаци“, објасни Каја Шукова – Министер МЖСПП.

Ќе се работи ќелија по ќелија. Нема тоа да биде една огромна депонија на неколку хектари. Првата ќелија се очекува да започне до крај на 2024 година, потенцираше министерката Шукова.
Една од препораките на УНЕСКО е затворање на нестандардните комунални депонии како онаа на Буково. Мора и да се воспостави систем на предселекција со цел да се намали количината на отпад која се депонира. Државата за таа цел се вклучува со набавка на контејнери за предселекција коишто ќе бидат поставени на локации согласно големините на општините. Екологистите согласни во врска процесите на селекција и редукција на отпадот, но велат дека процесот мора да се забрза.

„Да, секако треба да се забрза процесот. Да се направат напори целиот тој отпад на почеток да се селектриа, да се редуцира и само мал отпад од него би се носел на тие депонии, а со тоа би имале финансиски заштеди и граѓаните и оние кои управуваат со отпадот. Би де доближиле и со европските регулативи и националните директиви кои бараат отпадот да се редуцира и реупотребува“, – кажа Ѓоко Зороски – НВО „Екотуризам“.

Во Пелагонискиот и југозападниот регион има нерегулирани диви депонии со голем ризик врз животната средина, па планот предвидува нивно затворање. Новата регионална депонија ќе биде со капацитет од приближно 37.522 тони смет на годишно ниво. Предвидено е отпадот да се селектира, а приходите од продажбата да ги користат јавните комунални претпријатија. Трошоците за изградба на регионалната санитарна депонија во Новаци и за набавка на потребната опрема за санитарно депонирање на отпадот се во вредност од околу 22 милиони евра, од кои најголемиот дел ќе се употребат за депонијата, велат од Министерството за животна средина.