Регионалната Занаетчиска Комора Охрид организира бесплатен курс за козметичарки
Обуки за козметичарки за лице и тело организира Регионална Занаетчиска Комора Охрид во соработка со Занаетчиската комора на Македонија. Денеска во просториите на граѓанскиот Универзитет за доживотно учење „Кузман Шапкарев“ се одржа информативен ден за заинтересираните кандидатки. Обуките се целосно бесплатни и се наменети за жени кои сакаат да се стекнат со вештини, знаења и сертификат за козметичар за лице и тело, со што ќе добијат повеќе можности на пазарот на труд или за самовработување.

–Курсот ја подполна предвидената бројка, беше планирано да имаме 15 кандидатки. Тие се тука и денеска ќе почнеме со настава. Секое дополнителна дејноста, како за секого, така и за овие кандидатки е добредојдена. Дел од нив се вработени, но без оглед на тоа , користат можност да изучат и занает кој најверојатно понатака би им се нашол дали за да отворат свој козметички салон, од една да се префрлат на друга струка , да го дополнат своето знаење, да работат како хоби. Има многу можности, изјави Сашо Богоески – Претседател на Регионална Занаетчиска Комора Охрид.

Обуката за козметичарки за лице и тело ќе трае до октомври со два часа неделно. Дополнително, ќе се понудат и обуки за изработка на природна еко- козметика во соработка со локални пчелари и фармацевтски компании, како и модули за развој на претприемачки вештини.

–Теоретскиот дел од обуката ќе се одржува во работничкиот универзитет, а практичниот дел во козметички салони , а дел во ОЕМУЦ Св Наум Охридски. Мислам дека кандидатките ќе имаат соодветна и квалитетна настава. Обуките и практичниот и теоретскиот дел ќе ги држат стручни лица од областа на козметичарството. Практичниот дел што ќе се одвива во козметичарски салони ќе биде предаван од козметичарки со дипломи за менторство и дел во училиштето Св. Наум Охридски, додаде Богоески.

Обуките се во рамки на проектот „Образование и економско зајакнување на ранливи групи жени во Северна Македонија“, чија цел е создавање можности за достоинствена работа и економско јакнење на жените.