Реконструирана е централната зграда на ОУ Ванчо Николески во село Лескоец
Со обновата на санитарните јазли, училниците и училишниот двор се создадени подобри услови за основците од ова основно училиште. Средствата се обезбедени од проекти преку Усаид и Локалната самоуправа.
Основците од Ванчо Николески од село Лескоец добија подобри училишни услови. Со рекострукцијата на централната зграда се интервенираше во градежни зафати за санација на работните простории и училишните тоалети, информира Елена Ел Нади, директор на ОУ Ванчо Николески.
„Најгорлив проблем беа санитарните јазли и се насочивме кон решавање на тој проблем. Целосно реконструирани беа канализационата мрежа, поставување на нови плочки и санитарни елементи. Се обработија и ѕидовите во училниците, се гипсираа таваните, се освежи и ламперијата, а и холот доби ново осветлување. Училишните простории добија сосема нов лик “, подвлекува Ел Нади.
За инвестициските зафати во училиштето бил изработен проек со кој аплицирале до Усаид . Им биле одобрени средства во висина од 1 милион и 200 илјади денари, а од локалната самоуправа добиле уште 300.000 денари, вели директорката на ОУ Ванчо Николески.
„Еден од условите беше и изградба на пристапна рампа. Приодот го направија од ЈП Градски гробишта од задната страна на училиштето. Тоа беше инвестиција од Локалната самоуправа. Тука наскоро ќе се средува катче за учениците да го поминуваат безбедно училишниот одмор бидејќи сегашниот двор е на прометно место“, нагласува Елена Ел Нади.
Паралелно со овие градежни зафати екипи од Градски пазар го уредиле и забавниот парк кој с е наоѓа во рамките на училишниот двор, а го користат локалните жители од Лескоец. Поставени се нови реквизити за деца, маси и клупи за седење. Во ОУ Ванчо Николески и трите подрачни училишта во Косел, Куратица и Ливоишта учат над 300 ученици.