Заврши реконструкцијата на петте улици во стариот дел на Струга, во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, соопшти Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Реконструирани се улиците „27 Март“, „Нико Нестор“, „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ во должина од 600 метри и површина од околу 3.200 метри квадратни.
Изминативе неколку месеци се вадеа старите камени блокови, се постави нов тампонски слој и армирано – бетонска подлога, по што повторно се монтираше стариот камен со цел да се зачува автентичноста на старата чаршија – информираат од Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Паралелно, како што појаснуваат, била поставена и нова водоводна мрежа со приклучоци за 100-тина куќи во овој дел на градот, за што дополнително биле вложени околу пет милони денари од буџетот на Општина Струга. Подземно биле поставени и нови линии на ЕВН и телефонските и кабелските оператори.
Вкупната вредност на проектот е 13,6 милиони денари, а средствата се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој во партнерство со Општина Струга.
Во рамките на проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“, што се реализира преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион, покрај во Струга, реконструирани се и улици во Охрид, Вевчани и Центар Жупа за што се инвестирани околу 50 милони денари.
Извор/БизнисВести