Skip to main content

Општина Охрид ќе ги реконструира ОУ „Христо Узунов“ и ОУ „Братство и единство“- Лескајца

Општина Охрид планира реконструкција на основните училишта „Христо Узунов“ и „Братство и единство“ во Лескајца, со инвестиција од над 41 милион денари. Проектот за енергетска ефикасност ќе се финансира преку заем и грант, без финансиско учество на Општината, а рокот за реализација е до 1 септември 2027 година.
 |  Маја Савиќ  | 

Општина Охрид планира да ги реконструира основните училишта „Христо Узунов“ и „Братство и единство“ во населбата Лескајца, преку Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. За реализација на инвестицијата, чија вкупна вредност изнесува 41 милион и 200 илјади денари, Советот на Општина Охрид на последната седница донесе одлука за долгорочно задолжување. Од вкупните средства, околу 33,6 милиони денари ќе бидат обезбедени преку заем, додека над 8,4 милиони денари се предвидени како грант. . Рокот на отплата на заемот е пет години, а Општината нема да има сопствено финансиско учество во проектот.

Предходно беше донесена одлука за енергетска ефикасност на учулуштата но како што информира Јоне Станкоски од Секторот за јавни работи при Општина Охрид, проектот досега не започнал поради административни и проблеми со елаборатите за заштита наменети за основното училиште „Свети Климент Охридски“

„Веќе беше донесена одлука за задолжување за реализација на овој проект, но истиот не беше започнат од неколку причини. Прво, беше проблемот во делот на елаборатите кои што беа, елаборатите за заштита, пошто Управата за заштита неколку пати ги одби, меѓутоа произлезе друг проблем во делот на реализација, односно отпочнување на овој нов проект за енергетска ефикасност на овие училишта во делот на јавен долг. Стои некој јавен долг во Министерството за финансии, административен кој што не е среден во делот на Проаква во делот на Струга. Реално како долг не постои, меѓутоа административно не е завршен и поради тоа не можевме да отпочнеме со реализација.“– кажа Јоне Станкоски, Сектор за јавни работи, Општина Охрид.

Со новата одлука, Општината очекува да се отстранат пречките што ја попречуваат реализацијата. Во меѓувреме, основното училиште „Св. Климент Охридски“ е издвоено од овој проект и за него ќе се бара финансирање преку Развојната банка, каде што се предвидени поповолни услови, со рок на отплата од 12 години и тригодишен грејс-период, без сопствено учество.

Со реконструкцијата се предвидуваат повеќе градежни и технички интервенции во двете училишта. Во ОУ „Христо Узунов“ ќе се постави нова термичка фасада, топлинска изолација на покривот, ново греење во тоалетите и фискултурната сала, динамички термостатички вентили и ЛЕД-осветлување во внатрешноста и надворешноста на објектот. Во ОУ „Братство и единство“ во Лескајца, пак, се предвидува топлинска изолација на надворешните ѕидови и покривите, замена на старите прозорци со метални рамки со нови ПВЦ-прозорци, изолација на подот во фискултурната сала и поставување нов систем за греење со топлински пумпи. Постојниот систем за греење ќе остане како резервна опција.

„Ново во оваа одлука е што како Општина Охрид нема да имаме сопствено учество и за „Братство и единство“ и за „Христо Узунов“. Значи, претходно со претходната одлука издвојувавме 20% од вкупната сума на финансиски средства коишто беа потребни за реализација на проектот. Сега нема да одвоиме воопшто наши финансиски средства, туку вкупната инвестиција на двете училишта е од 41.200.697 денари, од кои 11.993.322 отпаѓаат на „Христо Узунов“, а 30.086.375 денари на реконструкцијата на „Братство и единство“ во Лескајца, од кои 80% од овие финансиски средства се заемски средства, односно земаме и кредити од 33.603.758, а 20% од овие финансиски средства се грант. Значи, 8.415.939 денари се грант, за разлика од претходно, кога имавме сопствено учество.“-појасни Станкоски.

Крајниот рок за изведување на планираните реконструктивни зафати е 1 септември 2027 година. Со инвестицијата се очекува да се подобрат условите за престој и работа на учениците и наставниот кадар, а истовремено да се намали потрошувачката на енергија за загревање на училишните објекти.