Реконструкција на Кејот „Македонија“ ќе почека
Реконструкцијата на охридскиот кеј се одлага. Првиот тендер за изведување градежни работи на ова шеталиште пропадна. Локалната распиша нов.
Реконструкција на Кејот „Македонија“ ќе почека. Првиот обид за пронаоѓање изведувач на градежните работи, заврши неуспешно. Од Локалната ни дадоа кратко објаснување зошто тендерот пропаднал.
–Тендерот за реконструкција на кејот „Македонија“ не успеа , бидејќи согласно Член 120 од Законот за јавни набавки понудената цена беше повисока од проценетата. Новиот тендер за реконструкција на кејот „Македонија“ е распишан и нема измени во условите.
Локалната самоуправа согласно вториот тендер за избор на фирма што ќе ги реализира изведбените работи на Кејот „Македонија“, ги очекува понудите од заинтересирани градежни фирми до 11 јануари 2017 година, за кога е закажано и нивното јавно отворање. Договорот за спроведување на градежниот зафат ќе биде со времетраење од 15 месеци, додека вредноста на проектот е проценета на околу 1,2 милиони евра. Реконструкцијата на Кејот „Македонија“ ќе се изведува според идејно решение и основен проект изготвено во текот на 2015 година од страна на самата локална самоуправа. Овој капитален проект на Локалната се одолговлекува речиси две години земајќи го во предвид и периодот за изработка на проектната документација. Иако охриѓани очекуваа во оваа година да добијат ново шеталиште долж езерото, останува да чекаат и да видат дали во наредната година ќе се реализира овој проект.