Skip to main content

Водоснабдување

Реконструкцијата на „Просветители“ ги секна славините

Градежните работи на Македонски Просветители ги секнаа славините од градската мрежа во централното подрачје. Паралелно со реконструкцијата на улицата се менува и водоводната мрежа.
 |  Валентина Неловска  | 

Водоснабдувањето се одвива нормално во Охрид. Периодични прекини во градската мрежа се јавуваат во реони каде што се одвиваат градежни зафати, a за кои граѓаните добиваат претходни најави или каде што се појавуваат дефекти, вели Марјан Ристески, директор на ЈП Водовод. Моментално, во прекин е водоснабдувањето во централното градско подрачје, заради изведба на третата фаза од реконструкцијата на ул.„Македонски Просветители“. На тој потег, екипите на ЈП работат на поставување нови шибери, со што значително ќе се подобри регулацијата и водоснабдувањето во централното градско подрачје, појаснува Ристески.

„Се работи на реконструкција на цевководот. Онаму, каде што има големи оштетувања се менува цевководната мрежа. Се работи на приклучување на цевковод од фи 200 и репарација на два вентили од фи 250 mm и фи 100 mm. Се менуваат и нови шибери од фи 200 mm до фи 80 mm “ – кажува Ристески.

Покрај, градежните работи на улицата „Македонски Просветители“ од ЈП „Водовод“ во план имаат менување на азбестниот цевковод и на улицата „Ѓорче Петров“. Најава за санација на водоводната мрежа има и на потегот од улицата „Македонски Просветители“ до Пожарна. На тој дел често се јавува прекин во водоснабдувањето.

Наш план е во соработка со Локалната самоуправа да се промени во најкраток можен рок азбестната цевка од фи 110 mm. Се работи за 135 метри должина на улицата, а ќе замениме поголема цевка од фи 150 mm. Има нови приклучоци од новоизградени згради, а на тој потег се покажа дека многу често се јавуваат дефекти“ – напоменува директорот на ЈП Водовод.

Во оваа година ќе се иневстира и ќе се подобрува водоснбдувањето во градската мрежа согласно финансиските можности на ЈП. Водоснадувањето на градот не е доведено во прашање иако со енергетската криза пристигаат високи сметки за наплата на струја кои изнесуваат од 6 до 7 милиони денари. Од 400 до 500 пати се повисоки сметките споредено со периодот пред почетокот на енергетската криза, посочува Ристески. Од Владата и ЗЕЛС бараат помош и начини за сервисирање на долгот за електричната струја. Во претстојниот, летен период, се очекува зголемена потрошувачка на електрична енергија за пумпање вода од пумпната станица Метролопол, а со тоа и удвојување на сметките и до 11 милиони денари.