Решение за отстранување на времените објекти во автокамп Градиште по вонредната инспекција
Бетонски подлоги, недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти затекнале градежните инспектори при вонредниот надзор во автокампот Градиште. „Констатираната моментална состојба е надвор од сите одобрени проекти и законски прописи, стои во записникот врз основа на кој Одделението за инспекциски надзор донесе Решение за отстранување на времените објекти.
Градежните инспектори од Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид на 19ти мај извршиле вонреден инспекциски надзор во автокампот „Градиште“ со увид на лице место согласно Законот за градење и Законот за инспекциски надзор.
“Извршен е комплетен надзор на 15 автокамп приколки, при што се затекнати бетонски подлоги, метални настрешници, целосно затворање на автокамп приколките со лим, дрво, алукобонд и водоотпорни гипс картон плочи. Затекнати се недозволени дрвени и метални конструкции и времени објекти. На одредени локации се затекнати и приклучоци за водоводна мрежа, канализациона мрежа и електрична енергија.“- информираат од локалната самоуправа.
Инспекторите констатирале дека субјектот кој стопанисува со автокампот „Градиште“ не поседува одобрение за поставување на времени објекти, решение за изведба на платформи изведени од дрвена и метална конструкција и решение за изведба настрешници кои се поставени над автокамп приколките, за што изготвен е записник и фотодокументација.
„Констатираната моментална состојба е надвор од сите одобрени проекти и законски прописи. Врз основа на тоа, Одделението за инспекциски надзор донесе Решение за отстранување на времените објекти, платформите, настрешниците, армиранобетонските плочи, плочите од бекатон плочки, според член 134 и член 135 став(1) алинеа 3 од Законот за градење. “ – соопштија од локалната.
Од таму најавуваат спроведување на инспекциски контроли во автокампот „Градиште“ и на останатите автокампови на крајбрежјето на Охридското Езеро, кои се наоѓаат на локации кои се на територија на општината.