Skip to main content

Ретко кој граѓанин пали возило за градежниот отпад да го одложи на депонијата Буково

Ретко кој граѓанин пали возило за градежниот отпад да го одложи на депонијата Буково. Продолжуваат старите навики од шутот да се ослободуваат растоварајќи го покрај патиштата. И понатака градежниот отпад се фрла во националниот парк Галичица, покрај патот кој води кон селото Велестово.

 |  Валентина Неловска  | 

Купишта градежен шут секојдневно осамнуваат покрај патот кој води до Велестово. Охриѓани и сопствениците на недвижнини во Охрид кои градат или реновираат и понатака продолжуваат со старите навики и од шутот се ослободуваат растоварајќи го покрај патиштата. Овој пат на удар е НП над бензиската пумпа Билјанини извори како најблиска дестинација за да се ослободат од шутот. Од ЈП „Охридски  Комуналец“ се согласуваат дека ова е сериозен проблем за градот. Напоменуваат дека со одлука е забрането одлагање на градежен шут на Мауцкер, а граѓаните, до изнаоѓање на нова локација, треба да го одлагаат шутот на депонијата Буково.

За волја на вистината ретко кој пали возило за градежниот отпад да го одложи на Буково оддалечено 20 – тина км од градот. Засега нема поблиска локација за да се одлага шутот, а нема ни можност да се набави дробилка за преработка на градежниот отпад, вели Љупчо Грданоски директор на ЈП „Охридски комуналец“.


Директорот Грданоски ја повикува комуналната инспекција да биде присутна на терен. Подвлекува дека овој проблем е присутен со години наназад, а од комуналните инспектори досега немаат изречено ниту една комунална пријава до несовесните граѓани кои исфрлаат шут каде што ќе им текне.