Револтиран охриѓанец по втор пат блокира улица поради немил настан
Тој бара пополнување и асфалтирање на дупката пред неговата семејна куќа што минатиов викенд за влакно ќе била причина за трагедија во која ќе настрадала неговата внука.
Мевљаим Арифи, жител на улицата „Стив Наумов“ денес по втор пат се одлучи да ја блокира оваа улица токму пред неговата семејна куќа. Вели дека блокадата ја прави бидејќи е револтиран од немилиот настан во кој за влакно не настрадала неговата внука, како што вели поради неажурноста на надлежните, односно поради несанираниот прекоп кој се наоѓа пред неговата куќа. Арифи раскажа како возачите кои со своите возила минуваат на оваа локација, во обид да ја избегнат дупката возат опасно блиску до портата од неговата куќа, па во еден таков случај во кој била инволвирана неговата внука, минатата сабота за малку била избегната трагедија. Денес на локацијата пристигнаа и полициски службеници.
„Втор пат го блокирам патот, истиот проблем од саботата, изјавив дека денес пак ќе го блокирам патот ако не е асфалтирано, и исто постапив и денеска. Полицијата дојде, ми ги тргна кофите од патот. Јас се борам овде за безбедноста на децата. За никој друг.“-вели Мевљаим Арифи-жител на ул.„Стив Наум“.
Арифи вели дека неговиот револт е насочен кон надлежните служби кои откако ги извршиле потребните зафати на тој потег, прекопот го оставиле несаниран и неасфалтиран, но и кон дел од советниците во Советот на општина Охрид кои имаат стопански субјекти во непосредна близина на локацијата, а кои според него досега ништо не презеле.
„Јас барам од тие што ја ископаа дупката да биде направена, да се среди како што ја ископаа, да се среди, пет месеци овде не може дете на школо да оди. Училиштево „Братство Единство“ е на 300 метри од тука, 800 ученици поминуваат тука секој ден, се плашиме децава да ги носиме на школо. Не може секој родител да го однесе своето дете на школо, некој е на работа. Ова е катастрофа што се прави кај нас.“-рече Арифи.
Денешната блокада траеше околу половина час, односно се до пристигнувањето на полициските службеници кои побараа од Мевљаим да ја острани импровизираната барикада по што сообраќајот продолжи по нормален тек. Инаку за време на отстранувањето на блокадата, од страна на полициските службеници беа побарани возачките документи на новинарските екипи кои го снимаа настанот, за како што рекоа од полицијата, „евидентирање на настанот.“ Тие му укажаа на Арифи дека блокирањето на јавен пат не е дозволиво и дека наместо да ја зема во свои раце, правдата да ја побара кај надлежните служби.