Рибниот фонд на езерото мора да се заштити
Без изработена риболовна основа која што ќе дефинира различни заштитни зони и популација на охридската пастрмка недозволиво е некој да стопанисува со езерото, велат екологистите. Експертите велат дека на годишно ниво прирастот само на Охридската пастрмка изнесува 90 тони. Потенцираат дека мора да се води грижа за рибниот фонд, посебно за ендемичните видови риба како пастрмката и белвицата, кои неконтролирано се ловат, објаснува екологистот Ѓоко Зороски.
„Првата забелешка е тоа дека за езерото не е изработена риболовна основа заснована на добри податоци. Од друга страна, УНЕСКО, односно планот за управување со Охридското Езеро, таму не е предвидено да се даде под концесија, бидејќи немаме уште добри податоци и стабилизација на бројноста со охридска пастрмка“ , вели Ѓоко Зороски – екологист.
И покрај ваквите тврдења од страна на екологистите, но и препораките на УНЕСКО, со Охридското Езеро, во наредните шест години ќе стопанисува струшка фирма. За жал, сеуште е критична состојбата со охридската пастрмка и белвица, која се лови од албанска и од македонска страна и мора да се следи оваа состојба на еден малку пософистициран начин, предлага Зороски.
„Прашање е кој ќе го контролира риболовот од страна на концесионерот, бидејќи зачестени се контролите на рибокрадците изминатиов период, меѓутоа потребна е и конторола на концесијата на тој реален излов на риба. Можеби добро е да се постави видео надзор на некои места од езерото каде што има влегување на рибокрадци“, прелага Зороски.
Само за потсетување, на почетокот на месец јануари, Министерството за земјоделоство, шумарство и водостопанство го објави јавниот повик за доделување на концесија на риби за организирање стопански риболов на риболовно подрачје Охридско езеро, а во март, струшката фирма „Еко-свет“ по пат на јавно наддавање го доби Охридското Езеро под концесија за стопански риболов во период од шест години, за сума од 400.000 евра, објави тогаш „Алсат“. Охридското Езеро беше без концесионер од јануари 2020 година, кога на фирмата која ја вршеше оваа дејност, „Летница-Белвица“ државата ѝ ја одзеде концесијата.